Македонското знаме го нема на официјалната фотографија што Министерството за култура ја сподели со јавноста откако прими дел од организаторите на Меѓународен фолклорен фестивал „Скупи 2018“.
Министерот за култура Асаф Адеми денеска оствари кратка средба со претставници на културно-уметничкото друштво „Каршиака“, кое е организатор на фестивалот, на кој учествуваат фолклорни друштва од девет земји: Мексико, Аргентина, Северен Кипар, Украина, Бугарија, Турција, Албанија, Косово и од Македонија, стои во соопштението од Министерството.
Станува збор за фестивал од ревијален карактер кој е дел од Годишната програма на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес.
Во рамките на фестивалот, учесниците кои се вистински репрезенти на фолклорот и традицијата на земјите од каде што доаѓаат ќе одржат повеќе концерти, и тоа денеска во општина Сарај и утре на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. На средбата министерот Адеми на присутните им врачи пригодни подароци.