X
 30.10.2021 Живот

Кои се правилата за користење оружје на филмските снимања?

Несреќата во која актерот Алек Болдвин ја уби Халина Хачинс, кинематографер, при снимање филм минатата недела отвори многу прашања за употребата на огнено оружје. Во овој случај, одговорноста е на продукцијата и стручниот соработник за оружје, но нема строги прописи.

Болдвин изјавил дека срцето му е скршено. Режисерот Џоел Соуза, кој стоел зад Хачинс, бил полесно повреден во несреќата.

Во случајот, управителот на имотот на продукцијата и експертот за оружје кој е ангажиран за време на снимањето се одговорни за користењето на оружјето на снимањето. Тие ги упатуваат актерите на правилна и сигурна употреба и се грижат за оружјето кога тоа не се користи. Тие и го полнат огненото оружје кога е потребно и го проверуваат пред и по секоја сцена.


Фото: Алек Болдвин/Wikipedia

Сепак, Американската федерална агенција за безбедност на работното место не ја регулира безбедноста на оружјето при снимање филм. Многу држави ѝ препуштаат на филмската индустрија да креира и да следи сопствени правила.

Комитетот за безбедност во работата во оваа индустрија во САД има листа со предложени правила според која се советува ракување со сите огнени оружја како да се наполнети.

- Воздржете се од насочување на огненото оружје кон себе или кон некој друг - пишува во препораките.

Се посочува и дека оружјето се полни само од квалификувано лице, а треба да се користи заштита кога се користи оружје во непосредна близина. Овој документ последен пат бил ревидиран во 2003 година.


Фото: Pixabay

Филмското студио „Ворнер брос“ има сопствени правила за оружје, а Здружението на актери има совети за ракување со оружје.

Инцидентите како последниот се неверојатно ретки, но поттикнаа повеќе барања за забрана на вистинско оружје на филмските снимања. Петицијата за оваа забрана до понеделникот има над 23.000 потписи.

Сенаторот од Калифорнија, Дејв Кортез, изјавил дека ќе го поддржи предлог-законот за забрана на муниција на филмските снимања во оваа сојузна држава.

Извор: B92
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот