Се појавува нова ера во истражувањето и откривањето на вселената. Станува збор за заеднички напредок, односно заеднички проект на НАСА, ЕСА и ЦСА - вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, именуван по поранешниот администратор на НАСА, Џејмс Веб.
Предвиден да биде лансиран од бреговите на Француска Гвинеја во декември, станува збор за најголемиот и најмоќен телескоп, кој се смета дека е 100 пати помоќен од телескопот „Хабл“.
Со години сликите направени од телескопот „Хабл“ им овозможуваа на научниците и на јавноста подобро да ги разберат некои од најоддалечените делови на нашиот Сончев Систем и пошироко.
Сега, со помош на телескопот „Џејмс Веб“ ќе можеме да видиме уште подалеку.
- Дали сликите на „Џејмс Веб“ ќе бидат исто толку прекрасни како сликите на „Хабл“? Секако. Ќе ги обожаваме не само затоа што ќе бидат научно вредни туку и затоа што навистина ќе нѐ воодушеват. Прилично сум сигурен во тоа - вели Џејн Ригби, астрофизичарка од НАСА, која е дел од тимот што работи на „Џејмс Веб“.
Оптимизиран да гледа блиска и средна инфрацрвена светлина - за разлика од „Хабл“ кој примарно може да открие светлина видлива за човечкото око, „Веб“ ќе може да гледа постари и постудени објекти во вселената. Ова му овозможува да гледа низ прашина, која често може да ги замагли sвездите и другите објекти на сликите на „Хабл“. „Џејмс Веб“ ќе биде сместен на повеќе од еден милион километри од Земјата - повеќе од четирипати подалеку од Месечината и ќе може да ја види светлината што патува речиси низ целата историја на универзумот.
Поради неговата големина, „Веб“ нема да може да биде целосно склопен и ставен во ракета. Затоа огледалото со 18 сегменти и големина колку тениско игралиште ќе треба да се составува во период од 6 месеци откако ќе пристигне на својата дестинација. Ако овие комплицирани маневри одат според планот, тогаш неговите први слики треба да пристигнат наредното лето. Според Ригби, првите слики што ќе пристигнат од „Џејмс Веб“ ќе имаат бидат прекрасни, моќни, и визуелно и научно.
„Џејмс Веб“ треба да биде
лансиран од вселенскиот центар Гвајана на 18 декември 2021 година.
Фото: ESA