Иако ова звучи како сценарио од некој хорор-филм, случајот бил особено стравичен за сите жители на околните места.
Вулканската ерупција што се случила пред 400 години направила голем кратер во езерото, во кој со текот на вековите се собирала огромна количина на јаглероден диоксид.
„Длабоко под површината гасот ’отпатувал‘ во подземјето и создал извори полни со јаглероден диоксид кои протекувале во езерото“, истакна доктор Џорџ Клинг, биолог од Универзитетот во Мичиген.
Проблемот со јаглеродниот диоксид е што се натрупува и се „подига“ како во шише наполнето со сода или со некој газиран пијалак, објаснува Клинг, истакнувајќи дека вистинската состојба, тој голем притисок, всушност не може да се забележи додека затката е на шишето, што во случајот со езерото претставува тежината на водата.
„Во момент на подигнување на затката, тој ќе експлодира како шише со газирана вода која ќе ја отворите по силно протресување, па тогаш целата содржина ќе ви излета надвор, по што голема количина јаглероден диоксид избива во атмосферата“, опишува Клинг.
Иницијална каписла во овој случај можат да бидат силни врнежи или земјотрес, како што беше случајот со Ниос, кога пред инцидентот беше забележан силен дожд кој предизвика големи свлечишта што ја покренаа оваа природна катастрофа.
Вулканолозите и инженерите се обидуваат да го намалат ризикот од јаглеродниот диоксид во таквите езера, кои ги има само три во светот, првенствено со помош на цевки кои би требало да го испумпуваат гасот. Иако речиси и невозможно е да се повтори случајот, сепак постои мала можност за нова ерупција.
И покрај напорите што ги вложуваат стручните лица за да ги информираат граѓаните и да ги предупредат за опасноста што и натаму е присутна на тоа подрачје, многу жители се вратиле во своите домови, најмногу затоа што живеат од земјоделство, па сакаат да го искористат плодното земјиште во тој регион.
Но, опасноста не се заканува само од јаглеродниот диоксид, туку и од браната направена од вулканскиот пепел и карпите на едната страна од кратерот. Ако таа се оштети, би можела да предизвика и голема поплава која би можела да ја погоди Нигерија и да ги загрози животите на околу 5.000 луѓе, смета Клинг.
Сценариото би можело да биде уште полошо ако таквото нарушување доведе и до поместување на езерото, со што би се „разбудил“ и остатокот од јаглеродниот диоксид кој е потиснат на дното. Таа потенцијална двократна опасност поттикна развој на низа проекти чија цел е да ја зацврстат браната.