И во овој број ќе бидат застапени текстови од студентите кои пишуваат од областа во која студираат - социјална работа и политика, психологија, историја, историја со архивистика и класични студии
Дел од атмосферата на фудбалскиот натпревар на студентите од Филозофскиот факултет што се одигра на Меѓународната студентска манифестација „Филозофијада“ е на насловната страница на 21. број на студентското списание „Внатрешен патник“, кое денеска во 12 часот ќе биде промовирано во амфитеатар 4. на Филозофскиот факултет во Скопје.
Ова беше еден од најатрактивните настани за студентите на филозофските факултети од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Хрватска, вели Игорче Дунимаглоски, главен и одговорен уредник на списанието.
И во овој број ќе бидат застапени текстови од студентите кои пишуваат од областа во која студираат - социјална работа и политика, психологија, историја, историја со архивистика и класични студии.
- Студентите имаа можност да пишуваат и за сите проблеми со кои се соочуваат при студирањето и да предлагаат како да се подобрат условите во самиот факултет.
Новина за овој број е тоа што списанието е испечатено во кирилски фонт DyslexicFZF, кој ќе им помогне на многу дислексични читатели полесно да го надминат својот проблем - објаснува Дунимаглоски.
Списанието ќе биде печатенo и на Брајово писмо, а промоцијата е веќе закажана за 2 декември во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Со тоа ќе биде одбележан 3 Декември, Денот на лицата со попреченост.
Во подготовката на списанието се вклучија студенти од сите институти на Филозофскиот факултет, а придонеле и студентските здруженија на факултетот – „Психеско“ (Здружение на студенти по психологија), „Аксиос“ (Студентско археолошко здружение), АССР (Асоцијација на студенти по социјална работа) и „Никетес“ (Спортско-студентско здружение на Филозофски факултет-Скопје) и „Клио“ (Клуб на млади историчари на Македонија).
Новиот број на списанието е отпечатен во 300 примероци, го издава Филозофскиот факултет, а покровител е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На прашањето како списанието влијае врз студентите на Филозофскиот факултет, Дунимаглоски објаснува дека се воспоставува и се развива соработката со студентите и студентските здруженија.
- Студентите се мотивирани активно да се вклучуваат и да пишуваат текстови. Преку нивното вклучување во различни форми на работни активности поврзани со подобрување на условите за студирање се зајакнуваат капацитетите на студентската популација и се креира систем за поддршка на студентите. Тие стекнуваат комуникациски, работни и организациски вештини кои потоа ќе ги применат во својата лична и професионална кариера. Освен тоа, стануваат посвесни за нивните права и обврски, а тоа ќе им помогне полесно да ги остварат своите цели - вели Дунимаглоски.