X
 15.11.2018 Образование

По 16 години повторно се печати „Внатрешен патник“ за студентите на Филозофскиот факултет

Во списанието секој студент може да го искаже својот став, да укаже на некој проблем, да даде критика и да придонесе да се зголеми активизмот кај студентите надвор од редовните студии, вели Игорче Дунимаглоски, главен и oдговорен уредник нa списанието

Ние, студентите, треба сами да си го изградиме студентскиот стандард. Треба уште многу да работиме за да ги охрабриме студентите да го искажат своето мислење и да се изборат за своето место во општеството, вели Игорче Дунимаглоски, магистранд на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Покрај тоа што во моментот е четврта година на вториот факултет, Историја со aрхивистика, има уште една функција – главен и oдговорен уредник на списанието „Внатрешен патник“, кој по 16 години почна повторно да излегува во печат.

Насловната страница на новиот број

- Иницијативата за враќање на „Внатрешен патник“ во рацете на студентите произлезе од Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет – објаснува Дунимаглоски.

По барање на претседателот на Студентскиот парламент на ФЗФ, Владимир Крстески, формирале редакциски тим од студенти. Голема поддршка добиле од колегите Димитар Коруноски, Стеве Јанчески и Христијан Ламбевски и од деканот, проф. д-р Ратко Дуев.

Редакцијата работи во просториите на Студентскиот парламент на факултетот. За почеток ќе излегува еднаш годишно, а потоа пред почетокот на секој семестар. Новиот број е отпечатен на 36 страници.
Дунимаглоски вели дека списанието е наменето за сите студенти запишани на сите три циклуси на студии на Филозофскиот факултет.
- Во списанието секој студент може да го искаже својот став, да укаже на некој проблем, да даде критика и да придонесе да се зголеми активизмот кај студентите надвор од редовните студии. Ние, студентите, треба сами да си го изградиме студентскиот стандард. Треба уште многу да работиме кон тоа да ги охрабриме студентите да го искажат своето мислење и да се изборат за своето место во општеството – вели тој.

Деканот Ратко Дуев со дел од редакцијата и Игорче Дунимаглоски (десно, последен)

Во овој број на „Внатрешен патник“ има интервју со деканот Дуев, неколку студентски колумни и други содржини од студентите од различните институти на ФЗФ. Посебен дел е издвоен за студентските здруженија - Студентско археолошко здружение „Аксиос“, Клуб на млади историчари на Македонија „Клио“, Здружение на студенти по психологија „Психеско“ и Асоцијација на студенти по социјална работа-Скопје.
- Една од најинтересните рубрики во списанието за студентите е делот за активностите на Студентскиот парламент, во кои учествуваат и самите студенти. Во иднина планираме да ја задржиме истата структура, но со поголем број колумни од студентите - вели Дунимаглоски.

Тој вели дека нивната највисока цел е да ги мотивираат студентите во текот на студирањето да се активираат и меѓусебно да соработуваат преку работата на Студентскиот парламент и во другите студентски здруженија.
- Паралелно со студирањето студентите преку здруженијата имаат можност да учествуваат во спортски настани, научни конференции, јавни дебати и трибини, посета на државни институции и многу други настани. Неодамна студентите на нашиот факултет го формираа новото спортско-студентско здружение на факултетот „Никетес“ - прво од ваков вид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - вели Дунимаглоски.

Колаж од активностите на студентите на Филозофски факултет

На прашањето како ова ќе им помогне на студентите откако ќе завршат студиите, тој вели:
- По завршувањето, голем проблем за младите е вработувањето. На овој начин сакаме да ги поттикнеме студентите да станат членови во здруженијата што ги имаме на нашиот факултет. Така ќе запознаат многу пријатели, ќе стекнат најразлични комуникациски, работни и организациски вештини кои потоа ќе ги применат во својата лична и професионална кариера. Освен тоа, ќе станат посвесни за нивните права и обврски, а тоа ќе им помогне полесно да ги остварат своите цели.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование