X
 30.11.2016 Култура

Дали сте знаеле: Во Македонија не постојат амфитеатри

Единствениот амфитеатар на територија на поранешна Југославија беше тој во Пула, а во последните години археолозите открија уште еден (но многу помал со горна конструкција од дрво) во археолошкиот парк Виминациум во Србија

Една од најголемите грешки и заблуди која кај нас ја прават многу медиуми е употребата на зборот „амфитеатар“. Од некаква причина, кога некој ќе посети археолошки локалитет и види полукружно гледалиште со сцена, „нешто“ веднаш го тера да го каже зборот – „амфитеатар“. Така во печатените медиуми, на социјалните мрежи, на телевизските емисии често можете да чуете или прочитате дека: Се истражува „амфитеатарот“ во Скупи; Почна реконструкцијата на „амфитеатарот“ во Стоби; Одличен концерт во „амфитеатарот“ во Хераклеја Линкестис.

Во Република Македонија не постојат амфитеатри. Единствениот амфитеатар на територија на поранешна Југославија беше тој во Пула, а во последните години археолозите открија уште еден (но многу помал со горна конструкција од дрво) во археолошкиот парк Виминациум во Србија. Секако, најпознат амфитеатар е Колосеум во Рим.

Сите т.н. амфитеатри во Македонија се всушност антички театри. Станува збор за два објекта кои се различни по форма, но и двата биле градени и користени уште во антички времиња. Основната и најочигледна разлика е во тоа што театрите секогаш имаат форма на полукруг, додека амфитеатарите имаат сферна, затворена форма.

Амфитеатар /ˈæmfɨˌθiːətər/ доаѓа од старогрчкиот збор ἀμφιθέατρον (амфитеатрон-амфитеатар), кој е изведен од зборовите ἀμφί (амфи – седиште, клупа за двајца или околу) и θέατρον (тхеатрон - место за гледање приредба). Амфитеатрите биле отворени собиралишта наменети за спортски игри и спортски активности, подоцна и за гладијаторски борби. Амфитеатарите имале овална или кружна форма и биле опкружени со седишта околу централната арена за изведување, нешто како денешните отворени стадиони, или теренски игралишта.

Античките театари, пак биле изградени во полукружна форма со седишта наредени на нивоа. Во 6. и 5.век пред новата ера, во градовите-држави во Грција театрите биле градени врз голема карпа за да го сместат големиот број на луѓе на сцената, како и големиот број на луѓе во публиката (до 14.000). Математичарите играле голема улога во конструкцијата на овие театри. Тие морале да обезбедат добра акустика. Гласовите на актерите можеле да се слушнат низ целиот театар, вклучувајќи и најгорните седишта. Сфаќањето на Грците за акустиката се споредува со сегашната сфаќање за уметноста, како и со пронаоѓањето на микрофоните, така што постојат многу малку современи големи театри кои имаат навистина добро озвучување, како тоа во античките театри.

На територијата на Република Македонија досега се откриени четири антички театри – Скупи кај Скопје, Стоби кај Градско, Хераклеја Линкестис кај Битоа и Лихнид во Охрид . Последните два се реставрирани и реконструирани и се употребуваат повеќе години. Привршени се археолошките истражувања на театрите во Стоби и Скупи, каде идната година ќе се прави реконструкција. Античкиот театар во Скупи бил најголем и собирал меѓу 8 и 10 илјади гледачи.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура