X
 30.11.2018 Наша тема

Кога бев студент со Васко Попетревски, новинар: Точно знаев каква оценка ќе добијам

Иако почетокот му бил неамбициозен во однос на студирањето, уредникот на емисијата „360 степени“ успеал да го заврши факултетот за две и пол години и станал студент на генерацијата. Тој ни раскажа за своите студентски денови во рубриката „Кога бев студент“ што ја подготвуваме заедно со „Пивара Скопје“

Новинарската е една од најстресните професии. Да го задржи својот интегритет, новинарот треба да е многу одлучен и силна личност. Токму приказната за студентските денови на еден таков новинар ви ја пренесуваме во „Кога бев студент“. Васко Попетревски е главен и одговорен уредник на емисијата „360 степени“ што се емитува на ТВ „Алсат“. Дваесет години е посветен на професионалното новинарство, и тоа во речиси сите медиуми, но телевизијата е водата во која најдобро плива.


Попетревски во средношколските денови во Радио Струмица

Магијата на новинарството го завлекла во Македонското радио, Радио Струмица, каде што кога бил средно школо посветено работел. Факултетот за новинарство при Правниот факултет во Скопје не му бил првиот избор. Се запишал на Природно-математичкиот факултет, на Информатика, ама, како што самиот вели: „Иако бев меѓу малкутемина со 100 поени и ја зедов прва година многу лесно, не чувствував дека тоа е тоа“. Добро му оделе природните науки и одел на натпревари, освојувајќи и државни награди.
- Многу сакав математика и физика. Веројатно тоа е проблемот на ученици што се добри во повеќе области. Завршив и виолина во Основно музичко училиште. Имаше негодување дома зашто паралелно работев на радио и често одев во Струмица. Моите сакаа прво да завршам информатика, а потоа да си се занимавам со новинарство - вели Попетревски.


Васко како матурант со своето семејство

Спортски новинар на радио

Се сеќава на своите почетоци во струмичкото радио. Бил дел од успешен тим кој имал многу слушатели. Главна област што ја третирал бил спортот.
- Секоја сабота ја имавме емисијата „Младински канал“. Паралелно, на 18-годишна возраст, станав дописник на Спортската програма на Радио Скопје, која беше многу популарна, со две емисии во викенд. Струмица беше град со прволигаши во фудбал, кошарка и во одбојка. На почетокот имаа дилема дали ќе одговарам за задачата, со оглед на тоа дека бев многу млад. Многу сум им благодарен на бардот Александар Стиков, Перо Момировски и на други што ми дадоа шанса - се потсетува Попетревски.


Колеги од факултет: Сашо Велагиќ, Ана Чоревска, Сашо Кокаланов, Стојан Трпчевски, Васко Попетревски

Заминувањето на студии не му било пречка да продолжи да соработува со колегите од Струмица. Набрзо почнал да работи во телевизијата „Сител“, на деск, но брзо сфатил дека работа и студии не одат заедно и фактот дека заработувал го оддалечил од факултетот.
- Есента 1997 г. ме избркаа од „Сител“ оти сум го навредил Ѕинго. Тоа беше среќна околност за мене оти се вратив на факултет и добро му се посветив. Првата година веќе ми беше ислушана, втората - почната. Многу ретко одев на факултет и не полагав практично ни испити. Но, бев решителен и во две сесии положив 8-9 испити и им се придружив на колегите - вели Васко.
Брзо се вклопил во групата и од тоа време му се и најдобрите пријатели. Васко им е кум на дури тројца од своите колеги од факултет - Драган Николовски, Сашо Кокаланов и на Владимир Мирчески, а нему му е кум Стојан Трпчевски, уредник во МТВ.

Студент на генерација

Иако почетокот му бил неамбициозен, Васко успеал да го заврши факултетот за две и пол години, станал студент на генерацијата и добил часовник. Вели дека од денешен аспект, студиите му биле корисни, особено затоа што биле интердисциплинарни.
- Тешко е на млад човек да му кажете дека треба да учи оти тоа ќе му се најде во животот. Обично принципот е „учам толку колку што е доволно за да положам“. Делумно во себе го носев тоа чувство - дека што повеќе знаеш, тоа е подобро за утре, за на работа. А и ми беше интересно на добар дел од предавањата. Споредувајќи ги студиите на новинарство на УКИМ со Високата школа по новинарство, на пример, која веќе и не постои, кадрите што излегоа од Школата беа пофокусирани на пракса. Ние, пак, добивме друго знаење, кое ни помагаше полесно да ги разбираме работите за кои известуваме. Новинарството се учи во пракса - вели уредникот.

Секој студент има некој професор што му оставил печат. Попетревски има неколкумина. Меѓу нив е Сашо Георгиевски, професор по меѓународно јавно право.


Попетревски, Стојан Трпчевски и Владимир Мирчески

- Тој беше особено инвентивен на предавањата, а и на испитите. Тој ми беше пример каков треба да биде еден универзитетски професор. Денко Малески, исто така, беше многу добар професор. Го следев и на предавањата на постдипломските студии по меѓународна политика. Токму неговиот пристап од позиција на „реалист“ наспрема „институционалистите“ во меѓународните односи многу ми помогна во осознавањето на дел од темите што сѐ уште ги работам. Многу ги сакав предавањата и на Гордана Силјановска. Особено сум горд на испитот по Современи политички системи. Полагав паралелно со студент кој отпосле стана вицепремиер. Беше дојден неспремен на испит. На крај на испитот добив признание од професорката, која јавно рече: „Каде е деканот да го викнам, да види како моите студенти одговараат како студенти на најпрестижните светски универзитети“. Тоа е признание за студент - вели Попетревски и додава дека е горд што некогаш бил студент на познатата лингвистка Лилјана Минова-Ѓуркова, Антоанела Петковска (социологија на култура), Веле Смилевски (новинарство), Јане Миљоски - по неколку економски предмети.

Успешна новинарска генерација

Васко само еден месец живеел во барака во студентскиот дом „Стив Наумов“, ама условите биле лоши и затоа наредните години живеел во стан.
- Долги години живеев кај една госпоѓа, Ангелина Симеонова, тон-мајстор на Радио Скопје, која, меѓу другото, беше човек што разбираше што е новинарство и многу ми помогна да се снајдам во професијата - вели Васко.
Со колегите од факултет често го посетувале кафулето „Фонтана“ („Мавровка“), каде што за секоја добиена десетка, со индекс добивале бесплатно кафе. Излегувале во Бистрото на МНТ. Неговата генерација релативно добро се снајде во новинарството. Владимир Мирчески, Драган Николовски, Стојан Трпчевски, Душко Арсовски, Сашо Кокаланов, Тодорче Стојчевски, Александар Митевски, Анита Петровска биле дел од групата.

 

Попетревски бил прогласен за првенец на генерација

Попетревски учел со интерес, иако самоуверено вели дека брзо сфатил дека умеел да го сведе учењето до ниво на тоа да процени колку треба да научи за да добие десетка.
- Точно знаев која оценка ќе ја добијам - се смее Васко.
Тој смета дека секое работно искуство за новинар е важно и не треба човек да се срами. Додека студирал поминал само еден ден во редакцијата на „Дневник“. Наредниот ден не се појавил на работа.
- Се сеќавам на тој колегиум (Героски со кренати нозе на маса), добив задача да следам седница на парламент. На таа седница му го одземаа мандатот на Арбен Џафери оти шест месеци се немаше појавено на седници. Боби Христов ми беше како ментор и првпат со него влегов во Собранието. Во таа зграда, во целата таа атмосфера тој се однесуваше како да е дома, па кога човек првпат ќе влезе во петаголниот објект, тешко ќе се ориентира. Боби толку лесно комуницираше. Јас се исфрустрирав и мислев дека никогаш нема да се снајдам во тој лавиринт. Напишав извештај, го објавија, а утредента не се појавив во „Дневник“ - се потсетува Васко.


Во 2000 година, како новинар на „Канал 5“, па на „А1“, почнал секој ден да оди во Собрание. Тогаш сфатил дека морал да издржи тој прв ден во „Дневник“.
На оваа редакција ѝ се придружи во 2009 година, по што следуваше списанието „Граѓански“, кое излегуваше нецела година.

Одличен правоговор

Попетревски е еден од ретките новинари што не можете да препознаете од кој град доаѓаат затоа што има одличен правоговор. Вели дека љубовта кон јазикот му ја пренела наставничката по македонски јазик Султана во основното училиште.
- Во тие години јазикот се сметаше за сериозна вредност и квалитет, кога стануваше збор за работа на медиум. Но, како што се појавија повеќе медиуми, јазикот стана неважен. На студиите имавме три испити по современ македонски. Кон сите пристапував со многу љубов и желба. А и животната судбина ми беше таква што сретнав лекторка во животот, професорка по македонски - мојата сопруга. Одев и на понекоја обука, курс со логопеди и корепетитори за да ја совладам интонацијата што ја бара телевизијата, ама не премногу.


Попетревски и Лидија Јанчовска

Весникот „Дневник“, кој имаше одличен тим на лекторки, постави високи стандарди за јазикот во медиумите.
Попетревски е категоричен дека по ова прашање кај нас само се зборува, а ништо не се презема.
- Лицемерни сме кога само зборуваме за тоа, а ништо не правиме. Многу ми е жал кога слушам дека се затвораат лекторати, а тие се поважни и од амбасадите. Сум имал шанса во Москва да сведочам со каква љубов и посветеност македонистката Рина Усикова го држеше жив јазикот и со каква љубов им го пренесуваше на студентите. И сега, кога гледам колку љубов за нашиот јазик има еден Виктор Фридман, а за жал, речиси и да нема наследник. Лекторатите се затвораат. Да не зборувам за квалитетот на јавниот говор, за што ние, медиумите, сме виновни, ама сметам дека треба да ги повикаме и институциите. На Институтот за македонски јазик глас не му слушнавме со години. Оттаму реагираа само за Законот за јазиците и за договорот со името со Грција, работи што и не се нивна надлежност. Никогаш не ги слушнавме за квалитетот на говорниот јазик, за титловите на телевизиите. Зошто да не ни укажуваат јавно дека сме згрешиле - вели Попетревски.


Васко му е кум на новинарот Владимир Мирчески

Тој смета дека нема тема и област што не може да му биде корисна на еден студент по новинарство. Тој ги советува младите дека не е најважно да се добиваат десетки, туку да го разберат тоа што го читаат на студии и да можат да го препознаат како феномен во реалноста и критички да го опсервираат.



Васко Попетревски

- За новинар, нема нешто што не може да му се најде во животот. Сѐ што сум имал шанса да читам за време на студиите, иако некои теми ми се чинеле излишни, сето тоа отпосле многу ми помогнало за полесно да пливам во оваа професија, која не е ни малку лесна - посочува Попетревски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема