X
 10.04.2017 Култура

Приказната за сараевската Ана Франк

Нирвана Зељковиќ, односно Нина, како што ја нарекува нејзиното семејство, се смета за сараевската Ана Франк. Нина е едно од последните деца кои загинале во опсадата на Сараево, кон средината на деведесеттите, а иако имала само 12 години, за неа денес зборуваат и луѓе кои не ја познавале. Имала зрел начин на размислување, а своите мисли ги запишувала во својот дневник. Денес тој дневник е дел од лектирите во германските училишта.

фото извор: Amazon.de

На 27 август 1995 година, Нина излегла да си игра на улица. Иако опсадата на Сарево била во тек, денот бил мирен, но нејзината мајка ја предупредила дека не е баш добра идеја да излезе. Детската сема била прекината од граната, а била погодена и Нина. Неколку дена подоцна, девојчето починало.

„Зошто, проклети биле, ги убијате нашите души, кои постојат само за да ве сакаат? Да сакаат мир, игра, среќа. Но, нема да ве колнам, бидејќи  и вие сте татковци на некои деца кои сакаат мир и среќа“, напишала Нина во нејзиниот дневник.

Нејзината мајка го чува секој спомен од својата Нина, фотографии и нејзиниот дневник. По нејзината смрт, нејзините родители се доселиле во Хрватска, а потоа во САД. По девет години, се вратиле во својот град, каде што забележале спомен плоча за девојчето.

Спомен плочата ја забележал и еден германски новинар,  Петер Мунк, кој за Нина одлучил да напише текст. Ги запознал нејзините родители, па нејзиниот дневник го претворил во книга, која сега е задолжителна лектира во германските училишта. Идејата за книга била идеја на мајката на Нина, а книгата требало да добие наслов „Мирис на багрем“, заради багремот кој растел во нивниот двор и кој им бил привидна заштита од гранати во војната.  Но, станарите одлучиле багремот да се исече за да има доволно дрва за огрев и готвење. Нина, кога чула дека багремот ќе го исечат, влегла дома плачејќи и рекла дека наместо багремот, ги нуди своите кукли за да ги користат како огрев.

Сепак, подоцна, Мунк одлучил книгата да добие наслов „Мирис на липа“, по стеблото кое се наоѓа на гробот од Нина.

За Нина е снимен и документарен филм, кој добил Еми награда за најдобар странски филм. Меѓу последните зборови кои Нина ги запишала во својот дневник, биле стиховите на писателот Мевлан Џелалудин Руми:

„На денот на мојата смрт, кога ќе го носат мојот ковчег, не мисли дека ќе чувствувам болка за овој свет. Не плачи и не вели: штета, штета. Кога млекото ќе се расипе, штетата е поголема. Кога ќе видиш дека ме ставаат во гроб, јас нема да исчезнам. Зар Месечината и Сонцето исчезнуваат кога заоѓаат? Тебе ти изгледа како смрт, а тоа е раѓање. Гробот ти изгледа како темница, но душата станува слободна. Кое е тоа зрно кое не никнува кога ќе се стави во земја? Па зошто да се сомневаш во зрното човечко?“
Подготвил: Маја Пероска

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура