X
 08.08.2024 Живот

Таткото на Ана Франк за тоа како неговата ќерка продолжила да живее и по смртта: „Ја запознав преку нејзиниот дневник“

На почеток таткото на Ана Франк, Ото Франк, не можел да се натера себеси да го прочита, а камоли да го објави дневникот на неговата ќерка, првпат објавен пред 77 години.

Во 1976 година, тој во студиото на Би-би-си објаснил зошто на крајот одлучил да го направи тоа.

- Добив шанса навистина да ја запознаам преку нејзиниот дневник - изјавил Ото Франк, притоа покажувајќи ги личните записи на неговата ќерка Ана. 

Всушност, Ото ѝ подарил лексикон на неговата ќерка за нејзиниот 13. роденден, на 12 јуни 1942 година. Ана одлучила да го користи како дневник каде што ги запишувала нејзините најинтимни мисли, пишувајќи како да открива тајни на најблиската пријателка.

- Се надевам дека ќе можам целосно да ти се доверам како што не сум се доверила никому досега и се надевам дека ќе ми бидеш голема поддршка и утеха - напишала Ана, започнувајќи го дневникот.

oto
Фото: Wikipedia

Ото избегал со своето семејство во Амстердам во 1933 година од Франкфурт, каде што била родена Ана, по триумфот на нацистичката партија на германските сојузни избори и назначувањето на Адолф Хитлер за канцелар на Рајхот.

Но, безбедноста што холандската престолнина ја нудела од нацистичката закана се покажала како привремена за семејството. Во 1940 година, откако дошол на власт и се прогласил себеси за Фирер, Хитлер ја нападнал Холандија. Со германската окупација дошле и антисемитските мерки.

На Евреите им било забрането да поседуваат бизниси, биле принудени да носат жолти ѕвезди за идентификација и да го почитуваат полицискиот час.

Ото, како и многу Евреи, од 1938 година постојано се обидувал да емигрира во САД, но недостатокот на политика за азил и долгиот процес на одобрување визи значело дека документацијата не може да се заврши пред нацистите да ги затворат американските конзуларни канцеларии на сите територии под германската окупација во јули 1941 година. Еден месец по роденденот на Ана во 1942 година, постарата ќерка на Ото Марго добила повик да се пријави во германски работен логор.

За да ги избегне властите, целото семејство се преселило во тајни простории што Ото ги открил над неговите деловни простории во Амстердам.

1
Фото: Wikipedia

Наредните две години, семејството Френк се криело во тие простории заедно со уште едно семејство и семеен пријател. Сите што живееле таму биле принудени да молчат преку ден, а не им било дозволено да го користат тоалетот во текот на денот, кога канцеларијата била празна, од страв дека некој ќе ги слушне. Храна и залихи им носела мала група помошници од доверба.

Сето ова време Ана упорно ги запишувала своите мисли во нејзиниот таен дневник. Поради нејзиниот копнеж за друштвото на нејзините врсници, таа измислила ликови, како што е Кети, на која ѝ пишувала писма.

Нејзините грижи, аспирации и здодевност, заедно со рутинското незадоволство од тесниот живот со другите, се откриени на страниците на дневникот. Ана последно пишувала во дневникот на 1 август 1944 година. Утрото на 4 август, Гестапо извршил рација и ги уапсил сите жители.

Причината за нивното откривање и понатаму е спорна.

Семејството Франк било одведено во концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, каде Ото бил одделен од сопругата и ќерките. Тој повеќе никогаш не ги видел - трите починале во логорите.

Ана, која заедно со нејзината сестра на крајот била префрлена во концентрациониот логор Берген-Белсен, починала од тифус во март 1945 година, само неколку недели пред ослободувањето на логорот.

Ото бил единствениот преживеан жител од засолништето.

По војната се вратил во Амстердам да го бара своето семејство. Тој бил целосно уништен кога дознал за нивната судбина.

Дневниците и писмата на Ана ги зачувале неговите пријатели Меп Гис и Беп Фоскујл, кои успеале да му ги предадат кога се вратил.

Во својот очај не можел да се натера да ги погледне.

- Немам сила да ги читам - ѝ напишал на мајка си во Швајцарија на 22 август 1945 година.

Кога Ото конечно успеал да се натера да ги отвори тие дневници, записите биле вистинско откровение за него. Тие му дале поглед во умот на неговата паметна, кревка и експресивна ќерка додека таа се борела со сложеноста на адолесценцијата под најтешките можни околности. Во дневникот, таа ги детализирала конфликтите со нејзината мајка и несогласувањата со нејзината сестра, грижите за сопствената репутација и нејзиното променливо тело.

Откриле и колку ѝ било тешко тесненоста и тишината на анексот и нејзината забележлива иритација кон луѓето со кои живеела.

Таа пишувала за изолацијата и постојаната застрашувачка закана да бидат откриени. Исто така, пишувала дека се чувствува како птица чии крилја се свиткани и која удира во решетките на својот кафез во целосна темнина.

frank
Фото: Wikipedia

Но, Ото ги видел и нејзините мали моменти на радост: природата што можела да ја види низ прозорецот и процутот на взаемната љубов за Питер Ван Даан, момчето кое исто така живеело во просториите. Таа пишувала за нејзините соништа за лизгање во Швајцарија и нејзините амбиции да биде писателка; за идентитетот и односот со пријателите, и реални и замислени.

Тој почнал подобро да го разбира сложениот и имагинативен ум на Ана додека се менувала и созревала.

- Не би можела повторно да напишам такво нешто. Сега кога повторно ќе го прочитам дневникот по година и пол, ме чуди сопствената детска невиност. Знам дека длабоко во себе никогаш повеќе не би можел да бидам толку невина, без разлика колку го сакав тоа - напишала Ана во претходниот запис во дневникот.

Најмногу од сè, Ото имал можност да се наслади со талентот за пишување на Ана и со извонредната храброст и хуманост што таа ја покажала наспроти непоколебливиот ужас на нејзините околности.

- Откако го прочитав дневникот, го препишав и им дадов копии на нашите пријатели кои нè познаваа сите нас. Еден од нив беше вработен во издавачка куќа и ми рече: „Немаш право да го чуваш дневникот како приватна сопственост, тоа е сведоштво и мора да го објавиш“. И затоа го направив тоа - изјавил тој за Би-би-си во 1976 година.

На 25 јуни 1947 година била објавена „Тајното скривалиште“, книга составена од тајните дневници и текстови на Ана.

Освен што поправил некои нејзини јазични грешки, Ото малку го ублажил, отстранувајќи ги критичките впечатоци на Ана за неговиот брак, деловите за сексуалноста и нејзините понекогаш брутални описи на луѓето што ги познавала.

Книгата веднаш постигнала успех со оглед на тоа што едно девојче му даде лик на речиси незамисливиот ужас и големината на нацистичкиот геноцид. Во 1952 година, книгата била објавена на англиски јазик под наслов „Ана Франк: Дневникот на една девојка“.

Зборовите на Ана далеку го надживеаја нејзиниот краток живот; тие се преведени на повеќе од 70 јазици и продолжуваат да оставаат длабок впечаток кај читателите ширум светот.

Кога водителката на Би-би-си го прашала дали жали што се согласил да ги открие најприватните мисли на неговата ќерка, Ото Франк рекол: Не зажалив затоа што во еден од дневниците Ана напиша: „Сакам да продолжам да живеам и по смртта. “ и некако, преку нејзиниот дневник, таа продолжува да живее во многу срца.

Извор: BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот