X
 30.11.2022 Наша тема

По скалилата на успехот со Златко Калински: „Никогаш ниту сакав ниту се обидував да копирам некого“

Првиот телевизиски пренос ми беше од Белград, од Купот на шампионите меѓу ракометарките на Раднички и романскиот Рументул. Утредента, коментарот на мојот ментор Никола Солдатов гласеше: „Нема потреба на гледачот да му го раскажуваш тоа што го гледа, не опишувај, коментирај ги случувањата“, вели Калински.

Близината на Градскиот парк си го направи своето. Тоа беше спортското срце на Скопје. Градскиот стадион, ракометното, кошаркарското игралиште, и тоа не само мечевите на „Вардар“, на „Работнички“ туку и нивните секојдневни тренинзи, за нас беа силен магнет, вели легендата на македонското спортско новинарство - Златко Калински за неговото детство во Скопје и за првите моменти кога бил обземен од спортската магија.

Калински, иако официјално е во пензија, по плодната четиридецениска кариера, неодамна се активира на социјалната мрежа „Фејсбук“ со поткастот „Тоа е фудбалот“, каде што дава свое мислење за мечевите од тековното Светско фудбалско првенство во Катар.

Калински има известувано од 10 олимпијади, 16 светски првенства во атлетика, 4 светски фудбалски првенства, кошаркарски, ракометни, скијачки, односно во кариерата долга 42 години има изработено вкупно 2.352 преноси.

- Имав прекрасна професија, прекрасен работен век, не жалам за ништо, се чувствувам целосно исполнет од она што остана зад мене. Никогаш ниту сакав ниту се обидував да копирам некого затоа што знаев дека тоа би била неуспешна глума и голема грешка. Можеше ли да се копира сугестивниот глас и израз на Солдатов, огненоста на Младен Делиќ, смиреноста на Борис Мутиќ, изразот на Милка Бабовиќ? Се обидував да бидам свој, разбирлив за гледачот, да ги споделам емоциите со него, восхитеноста од величественоста на моментот или разочарувањето. Сакав да бидам препознаен како Златко Калински - додава Калински.

 

Рано почнав да ги „голтам“ спортските страници

Калински детството и младоста ги минал на две локации во Скопје. До земјотресот, односно до неговата 10-годишна возраст, живеел на границата меѓу Буњаковец и Дебар Маало, на 50 метри од кафеаната „Наџак“ во семејната куќа. За жал, земјотресот во 1963 година од корен им го сменил животот откако куќата речиси целосно се урнала. Татко му бил потешко повреден и пренесен во Белград, а тие во меѓувреме добиле барака во Тафталиџе, населба која тогаш сѐ уште не била урбанизирана.

- Тоа беше незаборавен период од мојот живот. Немаше голем сообраќај, па како деца имавме голема слобода на движење и простор за игра и на улиците. Интересни ни беа и атлетичарите, кајакарите. Кај нас дома, откако знам за себе, се купуваа сите можни весници. Рано почнав да ги „голтам“ спортските страници. Особено убави написи имаше во „Политика“. Се појави и телевизијата. Не ги пропуштав спортските преноси. Сосема случајно почнав да играм одбојка. Во

средно бев ученик во гимназијата „Георги Димитров“, а професорот Таки Џиков формира одбојкарска секција во која ме повика, заедно со Владимир Богоевски, Зоран Докузовски, Миле Петковски, од која никна клубот „Студент“. Играв на позиција техничар-плејмејкер и стигнав до Втората југословенска лига – вели Калински.


Воопшто не размислував за новинарството како идна професија

Како што се ближеле гимназиските денови, Калински воопшто не размислувал за новинарството како негова идна професија. Тој се колебал меѓу студии по книжевност и економија, а пресудно било влијанието на професорот и поранешен спортист Таки Џиков, кој знаел за неговата љубов кон спортот и сметал дека Златко можел да биде успешен тренер, така што запишал на Факултетот за физичка култура.

- Игравме на еден интересен одбојкарски турнир во Херцег Нови, од кој се вративме со убав победнички пехар. Луѓето од клубот ме замолија да напишам статија за весникот „Трудбеник“, која беше објавена. Мојот вујко, познатиот македонски писател Благоја Иванов, во тоа време работеше како новинар во Радио Скопје. Ја прочита статијата и прокоментира: „Ти би можел да бидеш добар спортски новинар. Ако изразиш желба, можам да те поврзам со колегите од Спортската редакција на Радиото“. Утредента ме однесе до прагот на Редакцијата и ме остави со зборовите - „Од мене толку, натаму сѐ ќе зависи од тебе“. Ме втурна во рацете на Бранко Давидовски, Ивко Панговски, Гоце Сипковски, Зоран Јордановски, Александар Стиков, Љупчо Димитровски, познати гласови кои секојдневно ги слушав и долго време ми изгледаше нестварно дека можам да станам дел од тоа друштво - се присетува Калински.

 

Никола Солдатов беше најдобриот можен ментор

Тоа беше есента 1975 година, имав 22 години кога го закачив вирусот на новинарството, болест за која лек нема до крајот на животот, вели Калински, кој по едногодишен стаж како хонорарец, ја добил новинарската легитимација.

- Имав среќа бидејќи радиото беше најдобрата школа за млади новинари. Покрај поддршката од колегите од Спортската редакција, можеше многу да се научи и од новинарските асови во радиото, какви што беа Благоја Стоилковски, Градимир Јовановиќ, Ангел Варналиев, Мирче Томовски, а мене ништо не ми беше тешко. Бев и во тимот на првите водители на утринската и на ноќната програма на радиото. Седум, за мене убави години минати во радиото. Имено, подолго време имав отворена покана од Атанас Костовски дресот на радиото да го заменам со телевизискиот, која конечно во 1982 година ја прифатив. Телевизијата, навидум сроден медиум со радиото, во суштина е многу различна. Ме пречекаа многу повозрасни колеги - Атанас Костовски, Никола Солдатов, Иван Мировски и Гоче Јанковски. Солдатов беше најдобриот ментор што можев да го добијам во медиумот - кажува Калински.

Првиот радиопренос беше повеќе случаен

На Калински му била потребна една година стаж за да го добие првиот пренос. Тогаш се чекало ред да се дојде до пренос и занаетот првин требало да биде добро испечен пред постарите колеги да те пуштат во етер.

- Во радиото беа установени принципи во процесот на едукација. Одев на тренинзите на Вардар со магнетофон и кога тренерот ќе ги поделеше играчите на два гола, го почнував „преносот“, кој беше преслушуван од уредникот и од постарите колеги. Полека се елиминираа слабостите, така што во мојот случај релативно брзо бев фрлен в оган. Во телевизијата како „печен“ репортер од радиото, веднаш седнав да коментирам. Првиот радиопренос беше повеќе случаен. Имено, одбојкарите на Вардар играа во Купот на европските шампиони и беа планирани куси јавувања од салата на „Работнички“ во емисијата „Забавно спортско попладне“. Но, блескавата игра на Вардар и атмосферата во салата си го направија своето, добив порака од студиото да одам со пренос до крај. Првиот телевизиски пренос ми беше од Белград, од Купот на шампионите меѓу ракометарките на Раднички и романскиот Рументул. Утредента, коментарот на мојот ментор Никола Солдатов гласеше: „Нема потреба на гледачот да му го раскажуваш тоа што го гледа, не опишувај, коментирај ги случувањата“ – вели Калински.

 

Клучна е подготовката

На радиото, првото големо известување на Калински му била Балканијадата во стрелаштво на Камник, во Скопје, а првото странско известување му било Светското првенство во борење во 1977 година во Лозана, од каде што рапортирал за сребрениот медал на Шабан Сеиди. Како ТВ-коментатор, „огненото крштевање“ го направил на Светското првенство во кајак и кану на мирни води во 1982 година во Белград.

- Според мене, клучна е подготовката. Во преносот да се влезе максимално подготвен за секаква  ситуација. Таков принцип на работа имаа колегите од Телевизија Загреб, веројатно најсилниот коментаторски тим во екс-Југославија, со користење стручна литература за сите спортови што беа дел од програмата. Нашата редакција беше претплатена само на весниците „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Спортске новости“. Секој од нас имаше свој делокруг на спортови кои ги коментира, па бевме принудени да создаваме лична документација. Јас бев претплатен на повеќе спортски магазини, особено атлетски, кошаркарски, скијачки, без кои беше тешко успешно да се коментираат овие спортови, особено атлетиката - завршува Калински.

 

 

 

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема