Имав пример на кој се угледував, а тоа е мојата мајка. Не дека класичниот балет не ми беше предизвик, но глумата ми беше прва љубов. Се сеќавам како глумев пред огледало, пеев различни песни, а дезодорансот ми беше микрофон, се присетува Амернис.
Кога била мала, на Амернис Нокшиќи ѝ било предизвик да стане балерина, но инспирирана од нејзината мајка, која исто така била актерка, љубовта кон театарот и глумата преовладале. Амернис е една од најплодните македонски глумици - во својата кариера подолга од 20 години има остварено многубројни улоги во театар, на телевизиските екрани и на филмското платно. Таа, исто така, беше дел и од кампањата против насилството врз жените во Македонија, како и дел од кампањата за поддршка на болните од рак во Косово.
- Кога спремам една улога, давам сѐ од себе или поточно речено - копам длабоко во себе да најдам сличности. Некогаш ги наоѓам, некогаш не. Тогаш комотно си позајмувам некој лик од моето опкружување, некој лик што не е познат, со тоа што го приспособувам, така што секако дека е тоа дел од мене и нема бегање - вели Амернис, која од 2004 година е дел од Албанскиот театар во Скопје.
Таа е добитничка на повеќе државни и меѓународни награди за најдобро актерско остварување, меѓу кои и наградата за најдобра женска главна улога во филмот „Сакав да го видам сонцето“, наградата за најдобра главна женска улога за претставата „Прст“ во 2013 година на фестивалот „Војдан Чернодрински“, наградата за најдобра споредна женска улога во претставата „Кабаре“ на истиот фестивал, како и признанието за најдобро актерско остварување на меѓународниот фестивал „Flaka e Janarit“ во Косово.
- Би лажела доколку кажам дека наградите не ми значат. Тие секогаш се добредојдени бидејќи се дополнителна мотивација да одам напред, но не секогаш се меродавни. Понекогаш некоја улога бара голема ангажираност и е позитивно прифатена, но се случува да не е наградена - додава Амернис.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме Амернис на факултетските денови, дружења, предизвици.
Глумев пред огледало, дезодорансот ми беше микрофон
Иако било примерно и одлично дете во основното училиште „Даме Груев“, приказната се сменила во средношколските денови. Таа учела за балерина во средното училиште „Илија Николовски-Луј“. Потоа се нашла на крстопат да одбира меѓу нејзината љубов кон танцот и страста што ја развила кон глумата, пред сѐ, инспирирана од нејзината мајка.
- Работите се сменија во средно кога ми се јавија бубачки в глава и сѐ што ме интересираше беше надвор од школските клупи. Бев заљубена во балетот, но како што поминуваше времето, љубовта кон глумата сѐ повеќе растеше. За мене, танцот е слободно изразување на чувствата без одреден текст, кога танцуваш, чувствуваш слобода и љубов. Инаку, уште од мала знаев што сакам да бидам во животот. Имав пример на кој се угледував, а тоа е мојата мајка. Не дека класичниот балет не ми беше предизвик, но глумата ми беше прва љубов. Се сеќавам како глумев пред огледало, пеев различни песни, а дезодорансот ми беше микрофон - се присетува Амернис.
Мислеле дека Амернис е машко...
Со оглед на тоа што е растена во актерска средина, Амернис на приемниот испит за Факултетот за драмски уметности чувствувала дополнителен притисок да го оправда нејзиното реноме и притоа да покаже дека не е примена затоа што е ќерка на глумица. Резултатот бил успешен и таа се запишала во класата на професорот Владимир Милчин.
- Во тоа време професорот ни беше куќен пријател, а кај него немаше фаќање врски. Од тој аспект мојата работа беше тројна бидејќи требаше да покажам и да докажам дека припаѓам на тој факултет. Се сеќавам на една смешка од приемниот. Имено, кога заврши првиот круг и нормално следуваше вториот каде што треба да се работи со некој од колегите, мене ми падна да работам со Зоран Љутков. Кога се појавив таму, тој почна чудно да ме гледа мислејќи дека Амернис е машко име - вели Амернис.
„Добар ден и бог нека ви помогне“, велела професорката Лужина
Студентскиот период е еден од најубавите во животот на Амернис, на кој со задоволство се присетува. Сплотеноста, дружбите со колегите, собиранките се само дел од аргументите што го прават овој дел од нејзиниот живот посебен. „Ние бевме една од ретките класи што беа сплотени, сите за еден, еден за сите“, вели Амернис.
- Освен актерка игра, омилени предмети ми беа сценски движења кај Кренаре Невзати-Кери, која работеше со нас на многу интересен начин и преку нејзината работа направи да се спознаеме себеси. Исто така, предметот македонска драма и театар кај проф. Јелена Лужина, која беше единствената професорка што влеваше страв и трепет кај студентите. Дури и деканот доаѓаше да нѐ замоли да полагаме кај неа во првиот испитен рок. Нејзиниот час почнуваше така што влетуваше во училница со зборовите: „Добар ден и бог нека ви помогне.“ Сепак, нејзините предавања никогаш не беа досадни - кажува Амернис.
„Еднаш цела класа преспавме на факултет“
Еден ден учеле кај еден колега, друг ден кај друг, а мајките биле задолжени за „кетерингот“, односно да им носат храна додека тие го „чешлаат“ материјалот за испит до доцна во ноќта. Ова е уште еден доказ за сплотеноста што Амернис ја имала со колегите од нејзината класа на ФДУ. Таа го завршила факултетот во редовните четири години.
- Еднаш цела класа преспавме на факултет, поточно во базенот (како што ги викаме просториите каде што се работи актерска игра). Требаше заедно со колегите да сработиме нешто и одлучивме да преспиеме таму. Следниот ден на предметот актерска игра професорот Милчин дозна и почна да нѐ кара, па дури и асистентката Сузана Кираџиска се расплака - открива Амернис.
Поучена од нејзиното искуство, Амернис има порака за помладите колеги кои сега го трасираат актерскиот пат на ФДУ.
- Им порачувам многу да читаат, да се спознаваат себеси, да веруваат во себе и да посетуваат што е можно повеќе претстави. И како што би рекол мојот професор: „Кога на глумецот не му се работи, тој филозофира“, а не треба да го прават тоа - завршува Амернис.