X
 21.09.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Никола Перевски-Пере од „Нокаут“: Всушност, жените отсекогаш ми биле посебна инспирација

Личните квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

 - Првиот контакт со музиката го имав на две години, кога татко ми дома донесе мини клавир, од тие со мали клавиши. И денес се сеќавам на тој прекрасен звук кој ми отвори еден нов свет, во кој ете сè уште живеам и го истражувам. Всушност, мојата прва голема страст беше спортот. Како дете бев опседнат со скијање, фудбал, атлетика, а особено со кошарката, на која ѝ бев посветен подолг период од моето детство. Но, поради сплет на околности, се случи музиката да победи.

На овој начин Никола Перевски-Пере, фронтмен на култната група „Нокаут“, ја почна својата музичка приказна, од самите почетоци, до статус на еден од нашите најетаблирани музички автори и изведувачи. Со „“Нокаут“ има 4 студиски и два албуми во живо, но тоа е само дел од богатиот музички опус на Перевски. Доволно е да се спомене дека е автор на 100-ина песни, од кои голем дел можат да се наречат антологиски поп-македонски нумери.

- Ако морам да издвојам една песна, нека биде „Знаеш каде да ме најдеш“, иако навистина ми е тешко да ја изберам од „Бестрага“, „Лебедот бел“, „Од нас зависи“, „Сакам да живеам“, „За нас“... Сепак, би рекол дека додека ја создавав „Знаеш каде да ме најдеш“, како да имав некакво длабоко претчувство, некаков предзнак, сновидение, дека создавам прекрасно дело. Доказ дека сум бил во право се реакциите на публиката и нашите обожаватели - вели Пере за неговите најпознати нумери.

фото: Приватна архива

Спортот - прва голема страст

Роден скопјанец, уште од двегодишна возраст бил во директен контакт со музиката, кога за подарок добил мини клавир. 

- До трето одделение растев во Центар, поточно во Пелистер Маало, за потоа да се преселам во Радишани. Уште ја паметам тамошната адреса, „Симче Настевски“, бр. 35А. Иако далеку од Центар, сепак, патот постојано ме водеше преку Пелистер Маало, најнапред затоа што останав да учам во тогашното „Браќа Рибар“, денешно „Димитар Миладинов“, а и затоа што таму живееја баба и дедо. Секако, морам да споменам дека и училишните распусти ги поминував во Куманово, кај другите баба и дедо. 

- Како што растев, откривав нови инструменти кои ми помагаа да откривам нови аспекти на музиката. Следни беа бонгосите, кои ги добив за мојот трет роденден. Две години подоцна добив четвртинка виолина, а другото е историја. Музичкиот ген и претходно постоел во моето семејство. Татко ми и ден-денес знае да земе усна хармоника и заедно со брат ми да отсвират некоја блуз или рок-мелодија. Музичките гени ги има и од страната на мајка ми, нејзиниот чичко, Часлав Трипковски, бил професор по музика и диригент на женскиот хор во Куманово.  

- Мојата прва голема страст беше спортот. Како дете бев опседнат со скијање, фудбал, атлетика, а особено со кошарката, на која ѝ бев посветен подолг период од моето детство. Всушност, толку добро ми одеше кошарката (знам, не е за верување со оглед на мојата висина), што редовно бев најдобар играч на меѓушколските натпревари. Но, поради сплет на околности, се случи да победи  музиката. Ритамот, мелодијата и вибрацијата од тонови беа погласни од звуците на чкрипење на паркетот, навивањето и одбивањето на баскетот од таблата. Така ќе останe и до крајот на животот. Музиката сè уште одекнува насекаде околу мене, а спортот остана да биде моја љубов како страстен навивач.

фото: Приватна архива

Почнал на виолина, завршил со гитара и клавијатури
 
Пере брзо сфатил дека местото му е во музичката уметност и дека тоа би сакал да го прави во остатокот од животот. Тој на 5-годишна возраст почнал да се образова музички, во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, а прв инструмент му била виолината. Почнал со класичната музика, за подоцна да се зарази и со рок, фанк, поп и џез-музика.

- Чувството дека знам каде припаѓам, каде се чувствувам исполнет, целосно се јави кај мене уште на рана возраст. За среќа, се покажа дека не сум се излажал. Музичкото образование го започнав на 5-годишна возраст со подготвителната година во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што една година подоцна почнав и да свирам на виолина. Тоа беше инструментот кој прв почнав да го вежбам и проучувам, но сепак на крајот завршив со гитарата и клавијатурата.

Класичната музика ја изучував уште од најрана возраст, за подоцна да се префрлам на рок-музиката, конкретно на „Индекси“, како влијание од моите родители. Знам и ден-денес да си ги пуштам. 

- Големо влијание имам и од легендите „Битлси“ и Елвис Присли, но во голема мера влијаела и фанк, поп и џез-музиката. Постојано сум во тек со сè што се случува на светската сцена и неретко знам да „попримам“ нешто што не сум ни очекувал дека би можело да ми се допадне. Знаете како, музиката е жива материја, “you have to go with the flow“, ама притоа мора да ги задржиш вредностите, а не по секоја цена да го следиш трендот.

фото: Приватна архива

Првата песна „Александра“ ја напишал на десет години
 
Перевски паралелно со правењето на првите музички чекори почнал и да компонира. Првата негова песна „Александра“ го отсликува фокусот на неговата инспирација што го следи и денес, а тоа се жените. Инаку, тоа е и период кога се запишал во средното музичко училиште, кога се интензивира неговиот музички нагон, со многу свирки, дружење...

- Првпат почувствував порив да се изразам музички на 10 години. И тоа за мене беше неописливо чувство. Да си ги слушнеш сопствените емоции и да можеш да ги пренесеш на еден универзален јазик е нешто фантастично. Уште тогаш сфатив дека музиката има благородна мисија.
Инаку, првата песна што ја снимив во професионално музичко студио беше „Александра“, песна за мојата прва љубов. Всушност, жените отсекогаш ми биле посебна инспирација.  

- Завршив во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, насока Теорија на музика со задолжителен предмет  - Виолина. Средношколските денови за мене беа бунтовни денови. Периодот кога се осознавав себеси, кога бев доволно „зелен“ да поверувам дека можам да го сменам светот. Многу музика, многу дружење, свирки, љубови остварени и неостварени, и сето тоа придружено со чувството и вербата дека го држам светот на дланка. Не дека не беше така.
Мојот прв бенд се викаше „Аперитив“, со кој создадовме неколку синглови во периодот од 1993 до 1996 година. Ме изненадува тоа што многу луѓе сè уште се сеќаваат на групата и често пати знаат да ме потсетат на тие времиња пред да го оформам „Нокаут“.  

 

фото: Јован Куциновски

Кога сум без идеја, се исклучувам од сè
 
Секогаш следејќи ги трендовите и обидувајќи се да научи нешто ново, Пере постојано вложувал во своето музичко надградување со цел да остане во чекор со оваа променлива индустрија. Автор е на стотина песни, што ги тера луѓето да го постават прашањето: „Од каде црпиш толку инспирација и што кога ќе ја снема?“

- Музиката едноставно извира длабоко од мене, но кога работам наменски, сакам што подобро да го запознам карактерот на тој за кого создавам, да дознам нешто повеќе за неговиот живот, да добијам претстава за изведувачот или компанијата, ако станува збор за реклама, за публиката да поверува во песната. Кога сум без идеја, пробувам да се исклучам од сè и да апсорбирам што повеќе енергија, најчесто одејќи на долги прошетки и патувања, или преку разговор со мои блиски и драги луѓе. Морам да признам дека во последно време природата ми влијае многу инспиративно.  
 

- За компонирањето, веројатно најмногу научив од себеси и од Бога, а потоа искуствено од Дарко Димитров, во смисла на тоа како се создава, снима, продуцира... И секако, не смеам да ја испуштам Академијата САЕ во Барселона, Шпанија, каде што дипломирав на отсекот Електронска музика и аудиопродукција, каде што го надополнив моето искуство на музичар со бескрајна желба да креира и да продуцира музика.

фото: Приватна архива

Со „Нокаут“ обедини повеќе генерации 

За публиката, Никола Перевски секогаш ќе биде Пере-Нокаут. Во деведесеттите години тој создаде група која, со низа ротации во составот, им нуди еден уникатен, свеж и моќен звук на обожавателите од повеќе генерации.
 
- Првата постава на „Нокаут“ го немаше тој капацитет на настапи во живо и главно се фокусиравме на синглови и албуми, па затоа подоцна некако сосема природно дојде моментот да се промени поставата и во бендот да влезат луѓе кои се професионални музичари со вистински капацитет за концерти и за развивање на еден поразличен концепт. Таа формула се покажа како многу поуспешна, за што говори и фактот дека со таа, втората постава, функционирам и ден-денес, со мали промени во меѓувреме.
 
- И двете опции, односно концертите и студиската работа, целосно ме исполнуваат, но и ме трошат. Сепак, сè зависи од тоа како се чувствувам во дадениот момент. Во студио сум порелаксиран, изолиран од надворешниот свет, опкружен само со своите мисли и инспирација, додека пак на бината е сосема друг филмот. Слатка трема, возбуда, сите погледи и светла вперени во тебе, многу возбуда и многу адреналин. Ги сакам и двете опции, но најдобро е да ги имам во умерени дози.

фото: Владимир Митревски


Тешка е нашата игра, но квалитетна и преубава

Пере е жив доказ дека во Македонија се живее од правење и изведување музика. Тој е татко на три деца и е човек што таа улога ја става на пиедестал, пред сè друго во животот.    
 
- Точно е дека живеам исклучиво од музиката. Од создавањето музика и интерпретирање на моите музички дела. Лично кај мене авторската музика буди поголема страст и предизвик, бидејќи посебно е чувството кога излегуваш на сцена и изведуваш сопствено дело, а притоа имаш неверојатен фидбек од публиката. Секако дека сценското искуство е клучно, но ништо не се споредува со тоа кога ќе почувствуваш дека публиката ти оддава почит за нешто што самиот си го создал на начин и инспирација која само тебе ти е позната.

- Она што ми е најважно е дека раѓањето на сите три ќерки, Михаела, Каја и Софиа, за мене беше најубавиот момент во животот. Не е едноставно, но нема поубаво нешто од тоа да држиш в раце плод на љубов, а потоа да гледаш како истиот тој плод расте, се развива и прераснува во комплетна личност. Тешка е нашата игра, но квалитетна и преубава.

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема