X
 27.09.2022 Наша тема

По скалилата на успехот со Гоце Трпков - диџеј Гоце САФ: Сум пуштал музика пред еден човек, а и пред 100.000

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Речиси 30 години наназад Гоце Трпков, или попознат како диџеј Гоце, или Гоце САФ, е најзастапеното име во скопскиот ноќен живот, но и пошироко. Почнувајќи од далечната 1993 година, кога со неговата веќе култна група САФ го издаде првото демо, Гоце е еден од носителите на диџејската, пред сѐ, хип-хоп култура кај нас.

Тој живее исклучиво од музиката, но не само од диџејството, туку работи и продукција, односно музика, микс и мастер, а притоа издава музика за повеќе продукциски куќи. Преку неговото студио испливаа на површина низа наши млади хип-хоп артисти.

- Сум пуштал музика пред еден човек, а и пред 100.000. Со Бед Копи настапивме во Белград во 2016 година пред 120.000 луѓе на Пивскиот фестивал и тоа беше многу интересно искуство. Омилен настап ми е на хип-хоп кемп пред 70.000 луѓе, со „Gang Starr Foundation“, каде што го менував диџеј Премиер, кој беше на сцената до мене. Сум делел сцена со многумина, од Fred Wesley до Mobb Deep. Имам пуштано за Де Ла Соул во Амстердам заедно со DJ Dice и Rich Medina, а сум бил концертен диџеј на Jeru The Damaja, The Beatnuts, Illa J – раскажува Гоце за дел од неговите најголеми моменти во кариерата досега.

Во петто одделение ја купив првата плоча

Пораснат во Скопје, Гоце првата музичка чивија ја добил од телевизиската станица Ем-ти-ви, која нему и на цела негова генерација им отвори нови музички видици. Набрзо потоа тој навлегол во процесот на собирање винили (плочи), а потоа и во диџејските води.

- Во основно училиште почнав да ја откривам музиката, а „Југотон“ ми беше на 100 метри од училиштето и така, кога бев околу петто одделение, ја купив првата плоча, најмногу поради дизајнот. Во средно веќе сериозно навлегов и со слушање и со собирање. На почеток, во тие години, акцентот кај нас повеќе беше на семплување и скречување отколку на пуштање музика. Тоа дојде подоцна. Телевизијата Ем-ти-ви нѐ отвори генерациски бидејќи во тоа време имаше многу алтернативна и добра музика, со високобуџетни видеа, пред да дојде времето на реалните шоуа.

Првата диџејска миксета ми беше од марка гемини ПМХ

Групата САФ, според Гоце, е отскочна штица за неговиот влез во клупската сцена. Промоцијата на нивното прво винил-издание, сега веќе култниот албум „Сафизам“, е и првата нивна посериозна клупска журка. „Како созреваш, така откриваш нова музика, нови начини на манипулација, си поставуваш нови цели и приоритети“, вели Гоце, кој сѐ уште смета дека пуштањето музика на винил го дава вистинското лице на диџејот.

- Немаше друг медиум за пуштање музика во 90-тите години. Винилот беше единствен со можност за манипулација со раце, т.е. скречување, нешто што го одвои хип-хоп диџејството од сѐ друго. Првиот грамофон го купив од Охрид. Едно радио ги продаваше двата и заедно со Јане од „Чиста околина“ зедовме по еден. Првата диџејска миксета ми е од тој период, марка гемини ПМХ. Првите хип-хоп журки каде што јас пуштав музика ги организира Пикисипи во извидничкиот клуб „Пони“. Тоа беше во 1995 г. Успехот со САФ беше пресуден да влеземе со Пикисипи во клубовите, бидејќи пред тоа бегаа од хип-хоп музиката. Наша прва сериозна клупска журка беше промоцијата на винил-изданието на „Сафизам“ во 2001, каде што гостин ни беше диџеј Фу од Љубљана и тоа премина во резиденција во клубот „Елемент“, каде што неделите станаа ден за хип-хоп - додава Гоце.


И студиото и диџејството си имаат свои убавини

Како да се остане релевантен на музичката сцена повеќе децении е голема непозната секаде во светот. На Гоце тоа му успева, пред сѐ, со напорната работа и постојаната активност на повеќе полиња, но и сам вели дека во оваа работа не се влегува со некакви финансиски очекувања. Тој постојано е вклучен во низа проекти кои го одржуваат во текот со времето.

- Следам нова музика, ама сѐ помалку наменска клупска. Го немам тој притисок, најголемиот дел настапи надвор од Македонија ми се за авторски винил-сетови, каде што акцентот е да се биде различен од стандардната клупска мејнстрим-музика, така што гледам да најдам нова музика што е надвор од таа класификација и првенствено да ми се допаѓа мене. И студиото и диџејството си имаат свои убавини. Ги сакам и двете! Проекти по САФ каде што сум се посветил 100 отсто се трите албуми на „Страјк“ (четврти во најава), последниот албум и микстејп на ЛД Пистолеро. Како продуцент работев на последните два албума на „Конкеринг лајон“ и многу други – завршува Гоце.

фото: Приватна архива

 

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема