Уште не знам дали да се каам што толку многу учев или не. Дали тој резултат ми донесе придобивки – да, секако. Но, дали мораше просекот да биде 9,9, од денешна перспектива би рекол дека не мораше. Еднаш се случи да ми протече крв од носот од многу учење и тоа ме потсети дека морам да намалам, вели д-р Митов
- Речиси до крајот на средното училиште немав јасна желба што би сакал да студирам. Ако се оставеше лично на мене, веројатно ќе одберев да студирам право. Меѓутоа, тогаш владееше мислење дека одличните ученици треба да одат или на Медицина или на Електро, и тој неформален социјален притисок ме насочи кон медицината. За волја на вистината, биологија ми беше омилен предмет и во основно и во средно училиште - вели д-р Александар Митов.
Д-р Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Тој дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генерацијата, со просек 9,9. Потоа магистрирал јавно здравје на кипарскиот институт основан од Харвард школата за јавно здравје како валедикторијан, со највисок просек во генерацијата (3,9/4), по што завршил магистерски студии за животна средина во Кембриџ, Велика Британија, како член на престижниот колеџ „Сент Џонс“.
Последните години интензивно работи со пациенти помагајќи им да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје. Следејќи ја медицината заснована на докази, но и природните интервенции за кои има доволно убедливи научни студии, д-р Митов има сеопфатен пристап во третманот на хроничните болести.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
Живеел на многу места, но родната Струмица му е при срце
Иако има живеено во различни градови низ светот, д-р Митов само за едно место вели дека се чувствува како дома, а тоа е неговата родна Струмица. Уште во раната образовна фаза тој бил амбициозно дете, со петки по сите предмети и притоа сакал да ги посетува сите дополнителни активности што се нуделе на училиште со цел да ја згаси жедта за знаење.
- Учев во Струмица, во едно друго време. Го нагласувам тоа бидејќи имав среќа да го затекнам образованието оставено од Југославија. Бев одличен ученик, одев на сите можни секции, а посебна љубов имав кон поезијата и рецитирањето. Со работа почнав во средно училиште, на мои 15 години заработував во Радио Струмица. Имав своја емисија, читав вести и инвестирав во дикцијата и изговорот - раскажува д-р Митов.
Се случи да ми протече крв од носот од многу учење
Кога ги почнал студиите на Медицинскиот факултет, д-р Митов учел и по 17 часа дневно и бил решен да остави врвен впечаток на факултетот, иако од денешен аспект смета дека на моменти непотребно се форсирал во учењето. Како студент од друг град, живеел во Медицинар, како и во студентските домови „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“, за кои вели: „Ги сакав студентските домови, со сите нивни маани. Само во нив се чувствував како вистински студент.“
- Уште не знам дали да се каам што толку многу учев или не. Дали тој резултат ми донесе придобивки – да, секако. Но, дали мораше просекот да биде 9,9, од денешна перспектива би рекол дека не мораше. Малку спиење, малку пауза и нормално сето преостанато време бев во библиотеката во Медицинар. Некои предмети, во прва година, ги поминував и над 10 пати. Еднаш се случи да ми протече крв од носот од многу учење и тоа ме потсети дека морам да намалам. Летото помеѓу прва и втора година вежбав брзо читање и почнав за краток период побрзо да напредувам со материјалот. Тогаш ги намалив часовите на учење. Но, си направив преголем стрес - вели д-р Митов.
Првиот ден во студентскиот дом најдов стаорец под мојот кревет
Омилен предмет на факултет му бил Патофиза, карактеризирајќи го како мост помеѓу физиолошкото и патолошкото, каде што се изучува коренот на болестите и нивните механизми на настанување.
- Жал ми е за новите генерации медицинари бидејќи не знаат дека на Медицински имаше великани во вистинска смисла на зборот, а јас затекнав само мал дел од нив. Имав чест да го запознам проф. Таџер, кој до длабока старост го посетуваше Институтот. Истата катедра беше дом и на проф. Каранфилски.
Почетокот на студиите го паметам како еден од најтешките периоди во мојот живот. Десеттата барака во Медицинар беше посебна приказна – се присетува д-р Митов и од тие студентски денови издвојува низа незаборавни моменти, како и пријателства кои траат до денес.
Во втората половина на медицинските студии тој почнал да одвојува повеќе време за социјален живот. Тогаш станал и претседател на Сојузот на студенти по медицина на Македонија.
- Првиот ден најдовме голем стаорец под мојот кревет. Во собата во која спиев имаше распукан ѕид и моравме да го затвораме како знаевме. Во истата барака живееја неколку вечни студенти на Факултетот за физичка култура. Преку ден беа во сон, а навечер беа будни и често пијани. Беше прегласно за да се спие навечер. Сепак, некои од најголемите пријателства ги формирав тогаш и до ден-денес имам близина и доверба во тие луѓе - вели д-р Митов.
По препорака од професори од „Харвард“, се запишал на „Кембриџ“
Д-р Митов го кренал своето образование на повисоко ниво на постдипломските студии на Кипар, на Институтот основан од Харвард школата за јавно здравје. Средбата со професори од „Харвард“ му оставила силен впечаток и токму поради нивните препораки успеал да се запише на магистерски студии за животна средина во Кембриџ, Велика Британија, како член на престижниот колеџ „Сент Џонс“ и стипендист на фондацијата „Пексим“.
- Речиси сите професори беа дојдени од Бостон и на самата диплома имаме печат од Харвард школата за јавно здравје. На Кипар го искусив американскиот образовен систем, а во Кембриџ го сретнав британскиот начин на образование. И двата система се доста интензивни, бараат многу работа, но се различни по многу основи. Британците, пред сѐ, вреднуваат личен труд, а американскиот систем стимулираше соработка и заеднички проекти меѓу студентите.
На „Кембриџ“ ме примија поради препораката од проф. Ашфорд. Колеџот „Сент Џонс“ во Кембриџ е искуство кое не можат да го доловат зборовите. Тоа ми беше најтешкиот дел од моето образование, но истовремено и најубавото искуство од цел студентски живот. Имав среќа да студирам таму токму кога мојот колеџ славеше 500 години постоење. Многу сум благодарен што имав можност да бидам дел од најдобрите образовни центри во светот, тоа остави трајни траги врз мене - завршува д-р Митов.
Фото: приватна архива