X
 08.01.2019 Технологија

Предвидувањата на писателот Исак Асимов за 2019 година - фикција или факт?

Во далечната 1983 година авторот на научна фантастика Исак Асимов бил прашан како ќе изгледа животот во 2019 година.

Неговите мисли, оригинално запишани во весникот „Торонто стар“, сега може да се споредат со реалноста, а голем дел од нив се покажаа како точни.

Тој го предвидел подемот на компјутерите, наведувајќи дека поради комплексноста на општеството, ќе биде невозможно да се живее без нив, дека ќе бидат во секој дом и ќе предизвикаат големи промени на пазарот на трудот.

- Човек во тоа време да мисли дека компјутерите ќе го преземат светот е навистина промислено - вели Калум Чејс, кој пишува книга на темата вештачка интелигенција.

- Повеќето шефови не користеа компјутери во 80-тите години. Компјутери имале само нивните секретарки кои печателе е-пораки за шефовите да ги читаат. Интернетот беше присутен, но не многу луѓе знаеја за него - вели Чејс.

предвидувања
Исак Асимов напишал три основни закони за роботиката што експертите сѐ уште ги земаат предвид


Асимов предвидел и дека роботиката ќе го револуционизира начинот на кој работиме, со автоматизација на канцелариските и фабричките работни места, принудувајќи ги луѓето да земат предвид нови кариери и да живеат живот полн со слободно време.

Во врска со образованието, тој предвидел дека децата повеќе нема да имаат потреба од наставници. Наставниците само ќе ја инспирираат нивната љубопитност, а другото децата ќе го учат од компјутерите дома.

Ова не се оствари - голем број училишта се потпираат на наставни методи што се користат многу години. Ќе бидат потребни уште неколку децении за визијата на Асимов да стане реалност, вели Чејс.

- За 30 години, временските машини ќе знаат што знае секој ученик и што треба да учи понатаму. Не постои начин на кој луѓето ќе можат да ја изедначат таа образовна моќ - вели Чејс.

Колонизација на Месечината

Асимов имаше помалку точни предвидувања во однос на напредокот на човештвото кога станува збор за вселената. Тој предвидел дека до 2019 година луѓето ќе имаат рударски фабрики и сончеви централи на Месечината, со чекори кон градење на првата вселенска населба.

Меѓународната вселенска станица е навистина трајна структура што ја заобиколува Земјата, но Месечината сѐ уште не е колонизирана.

Причините за ова повеќе се политички отколку технолошки, смета Чејс.

- Вселенската трка направи неколку чекори наназад кога се распадна Советскиот Сојуз. Со тоа, Америка повеќе не беше под притисок, кој претходно ја тераше да биде подобра од СССР поради политички причини и престиж. Стана невозможно да се помине буџетот низ Конгресот - вели Чејс.

Во 2017 година Белата куќа ги објави плановите да се врати на Месечината и да изгради постојани структури таму што ќе служат за истражување и експериментирање.

Вселенскиот претприемач Илон Маск се надева дека ќе го понуди првиот приватен лет за патници околу Месечината во 2023 година.

Асимов правилно предвидел дека прекумерната популација и загадувањето ќе се зголемат, иако се надевал дека до 2019 година напредокот во технологијата ќе ни даде алатки што ќе помогнат во забрзувањето на процесот со кој ќе се промени влошувањето на животната средина.

- Неговите предвидувања се фасцинантни. Работите што ги згрешил се интересни, но за многу работи бил во право. Бил вистински гениј. Неговата статија ги покажува широките линии на иднината, дури и ако деталите не се точни - вели Чејс.

Едно нешто што Асимов не го предвидел е порастот на вештачката интелигенција, за што Чејс верува дека е клучна технологија за следните неколку децении.

- Во наредните 30 години глобалната економија целосно ќе биде променета. Нема да има професионални возачи, нема да има телефонски центри, малопродажбата ќе се промени. Ако можеме да пронајдеме начин да го направиме тоа економски возможно, тогаш може да водиме живот со слободно време за кој предвидувал Асимов - завршува Чејс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија