X
 30.12.2019 Култура

Весна Петрушевска: Мојот јубилеј, „Дајте музика“, „Гласна куќа“

На крајот од годината сите природно се потсетуваме на годината што ни изминува, се мислиме што сме направиле убаво, што не, а  обично расте надежта дека ќе нѐ очекува подобра година. За Македонија беше година на големи предизвици. Со политика не можеме да се пофалиме, но со успеси во културата годинава, сигурно многу.

Ви претставуваме каква година имаа режисерката Тамара Котевска, режисерот Милчо Манчевски, диригентот Џијан Емин, актерките Весна Петрушевска и Тамара Ристоска, писателката Винка Саздова.


- Веројатно секој миг посветен на она што доследно го работам оваа година беше за потврда. Тоа беа мојот 25-годишен јубилеј во МНТ, детската серија „Дајте музика“ и тинејџерската серија „Гласна куќа“. Со години зборувам дека треба да работиме со нашите деца, оти тоа ни е повеќе од потребно за крвната слика на нашето општество.

Имам чувство дека сè повеќе ја губиме земјата под нозете и ако час поскоро не почнеме да даваме љубов секојдневно, ќе си умираме тивко и полека. Не се изморивте од тоа сите да знаете за оној другиот? Не ви дојде преку глава дека секогаш сте во право? Толку многу не сакате да се насмеете?

Колку многу посакувате да се смеете на туѓата несреќа, а кога вам ќе ви се случи, тогаш не ви е многу смешно? Ја загубивме емпатијата... Сонувате? Јас често... во последно време сакам да сонувам само љубов. Не се гушкаме повеќе, не се држиме за раце, не се прегрнуваме. Чудна сорта биднавме! Секој секому - непријател. Сите сме поразени, нема победници.

Деновиве кога доаѓаат најубавите празници можеби е време да се погледнеме во огледало, да си кажеме искрено и сурово себеси колку малку ни е потребно да бидеме среќни, насмеани. Сметката на животот доаѓа ненадејно и сè е запишано. Велат дека секој ден е скапоцен дар, треба да се однесуваме така. Да знаеме дека секое утринско сонце е извонреден миг, сега и тука. По којзнае кој пат да се обидеме некако да живееме за себе, а потоа за другите. Ако не умееме да се сакаме самите, нема да можеме да ги сакаме другите, најблиските. Себичноста треба да ја лекуваме, а не да ја потхрануваме. Колку пати во текот на денот заборавате дека сте живи?
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура