Тектоника на плочи е геолошка теорија која го објаснува поместувањето на Земјината кора од поголеми размери. Теоријата ја вклучува и воедно ја заменува постарата хипотеза за придвижување на континентите, која датира од првата половина на 20 век. Концептот за ширење на морското дно (спрединг) е развиен во текот на 60-тите години на 20 век.
Горниот дел на Земјината површина се состои од два слоја. Надворешниот слој се нарекува литосфера, а внатрешниот дел се нарекува астеносфера.
Фото: igeografija.mk
Литосферата е разделена на т.н. литосферни плочи (тектонски плочи). Постојат седум главни и неколку помали плочи. Литосферните плочи пловат на астеносферата. Постојат три типа граници меѓу плочите: конвергентни граници, дивергентни граници и трансформни раседи.
Земјотреси, вулканска активност, издигнување на планински венци и обликување на океанските гребени се појави кои се забележуваат по должината на границите на плочите. Страничното поместување на плочите најчесто се одвива со брзина од 0,66 до 8,50 сантиметри годишно.
Колку тектонски плочи постојат?
Тектонските плочи се поделени во три групи, и тоа главни плочи, мали плочи и микроплочи.
Тие своите имиња ги добиваат според континентите или регионите кои се наоѓаат над нив. За главни плочи се сметаат следните седум тектонски плочи:
- Тихоокеанска (Пацифичка) плоча;
- Северноамериканска плоча;
- Евроазиска плоча;
- Африканска плоча;
- Антарктичка плоча;
- Индо-австралиска плоча
- Индиска плоча;
- Австралиска плоча;
- Јужноамериканска плоча.
Фото: igeografija.mk
Најголема е Пацифичката тектонска плоча, која зафаќа површина од 103.300.000 km2. Потоа следува Северноамериканската плоча со површина од 75.900.000 km2, додека трета по големина е Евроазиската плоча со површина од 67.800.000 km2.
Во групата на мали плочи најчесто се вбројуваат тектонските плочи кои имаат површина помала од 20.000.000 km2, но поголема од 1.000.000 km2. Такви се: Сомалиската тектонска плоча (16.700.000 km2), Насканската плоча, Филипинската, Арапската, Карипската, Кокосовата плоча, како и тектонските плочи Керолајн, Скотиа, Бурма и Њу Хебридис (1.100.000 km2).
За микроплочи најчесто се сметаат сите тектонски плочи чија површина е помала од 1.000.000 km2. На најголем број карти на кои се претставени тектонските плочи, микроплочите не се означени, односно тие се групирани во главни плочи. Вкупно постојат 57 микроплочи. Евроазиската тектонска плоча се состои од најголем број (15) микроплочи.
Последната, 57-ма тектонска плоча беше откриена во 2017 година, а повеќе за тоа може да прочитате
овде.
Подготвил: Антонио Трајков, дипломиран географ – ГИС