Лажна вест за можен земјотрес ги извади жителите на Албанија од нивните домови и создаде метеж по улиците, по серијата земјотреси што деновиве ја тресат Албанија. И покрај повиците на властите луѓето да си се вратат дома и објаснувањата на експертите дека земјотрес не може да се предвиди, Албанците изгледаат решени ноќта да ја поминат под ведро небо.
Дури и албанскиот премиер посочи дека е лажна вест, но медиумите постојано објавуваа фотографии од коловози преполни со автомобили, луѓе со ќебиња по парковите и метеж по улиците.
Во меѓувреме, се појавија вести за нов земјотрес со јачина од 3,6 степени, чиј епицентар бил на 33 километри северозападно од Тирана.
Како и да е, фотографиите и снимките од ситуацијата во албанските градови вечерва се доказ за силата на лажните вести.