X
 23.09.2017 Живот

Најголемите природни катастрофи

Без оглед на технолошкиот развој, човештвото сè уште нема одговор и ефикасна одбрана против природните појави и разорни катастрофи. Сè почестите урагани, земјотреси и настанувањето на масовни свлечишта, според бројни експерти се последица од глобалните климатски промени.

Сведочиме за ураганите кои пустошат низ крајокеанските држави и Америка, но светот во минатото памети и значително поголеми катастрофи:

Најсмртоносните поплави

Најголемата катастрофа во однос на бројот на загинати луѓе се поплавите од 1931 година, а бројот на жртви се проценува дека бил меѓу три и четири милиони. Од 1928 до 1930 година, Кина била погодена од големи суши, а зимата 1930 година била една од најтешките. Тогаш паднале големи количини снег, а пролетта следната година следеле и големи врнежи и поплави. Регионот во месец мај бил погоден од девет циклони, а реката Јангцекјанг се излеала и поплавила милиони луѓе. Најлошиот период бил во јули и август. Јангцекјанг и реката Хуаи дошле до Нанџинг, кој тогаш бил главен град на Кина. Милиони луѓе се удавиле, а некои починале од глад, колера и тифус. Во градот Ханкоу, нивото на водата било 16 метри повисоко од нормалното. Откако водата се повлекла, властите го посетиле регионот, ветувајќи дека ќе ги санираат штетите. Но, заради недостиг на средства а и заради граѓанската војна, успеале на изградат само неколку помали брани на Јангцекјанг.

Најголемиот тропски циклон

Во декември 1970 година, Пакистан бил погоден од циклонот Бола, кога загинале меѓу 300.000 и 500.000 луѓе. Циклонот се формирал над Бенгалскиот Залив на 8 ноември и почнал да се движи кон север. На 11 ноември дувал ветер со јачина од 185 километри на час. Опозицијата и медиумите ја критикувале власта дека предоцна испратиле предупредување до граѓаните за можна катастрофа. Циклонот ја погодил и Индија, носејќи огромни врнежи од дожд. Најголемиот број од жртвите настрадале од огромните бранови кои предизвикале поплави. Лошата реакција на властите довела до масовни студентски протести, кои подоцна прераснале во граѓанска војна која резултирала со поделба на Пакистан и прогласување на незвисна држава Бангладеш во 1971 година. 

Најголемата вулканска ерупција во 20 век


На 8 мај 1902 година се случила катастрофална вулканска ерупција на францускиот остров Мартиник на Карибите, при што животот го загубиле повеќе од 30.000 лица. Според бројот на жртвите, станува збор за најсмртоносната ерупција во целиот 20-ти век. Ерупцијата во целост го уништила градот Сен-Пјер, во тој момент, најголемата населба на островот. На почетокот на мај најпрво се појавиле потреси на земјата, а се слушале и експлозии од правец на вулканот. Над градот Сен-Пјер паѓал фин вулкански пепел. Многу жители уште во тој момент се евакуирале, но поголемиот дел одлучиле да останат, верувајќи дека сепак нема да дојде до катастрофална ерупција.

Најсилниот забележан земјотрес


Најсилниот земјотрес во историјата го погоди чилеанскиот град Валапараис на 22 мај 1960 година. Јачината на потресот изнесувала 9,5 степени според Рихтер. Земјотресот предизвикал појава на цунами во Чиле, Јапонија, Филипините и Нов Зеланд. Со оглед на јачината на потресот, бројот на жртвите не бил поголем од 2.000.

Вториот по јачина земјотрес ја погодил Алјаска на 28 март 1964 година. Магнитудата на отресот изнесувала 9,2 степени по Рихтер, што исто така предизвикала цунами кое убило 28 луѓе. Штетата била проценета на 330 милиони долари, а тресењето било почувствувано и во некои места во Канада.

Најсмртоносниот земјотрес

Најсмртоносниот земјотрес евидентиран во модерната историја на човештвото ја погодил Кина, односно градот Шанкси во 1556 година. Наводно, јачината му била околу 8,0 степени по Рихтер, а загинале околу 830.000 лица. Просторот во круг со радиус од 840 километри бил срамнет со земја.

Најсмртоносното торнадо

Најсмртоносното торнадо го погодило Бангладеш на 26 април 1989 година. Точниот број на загинати не е познат, но се проценува дека животот го изгубиле околу 1.300 лица, што го прави најсмртоносното торнадо во познатата историја, не само на Бангладеш туку и во целиот свет. Торнадото имало ширина од 1,6 километри, а поминало должина околу 13 километри.

Погледнете ги природните катастрофи забележани со видеоснимка:


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот