X
 30.12.2020 Живот

Средно училиште отвори продавница во која учениците плаќаат со правење добри дела

Кога одиме во продавница, обично плаќаме со кредитни картички, готовина или со купони. Но, во уникатна продавница поставена во средно училиште во Северен Тексас цената на главните производи се добрите дела. А промената? Промената е човечка љубезност и вредни животни лекции.

Уникатната продавница е благодат за учениците и семејствата кои ја формираат заедницата на средното училиште „Линда Тут“ во Сангер, Тексас.

Учениците можат да купуваат намирници преку систем на поени. Валутата се заснова на исполнување критериуми како што се помагање при расчистување во училиштето или други активности.

- Голем дел од нашите ученици доаѓаат од семејства со ниски примања. Ова е начин учениците да стекнат способност за да купуваат за своите семејства. Преку напорна работа можете да заработите поени. Можете да заработите поени за расчистување околу зградата или за чистење - вели директорот на училиштето, Ентони Лав.

Освен што учениците можат да им помогнат на семејствата, оние што учествуваат во програмата од продажната страна учат математика, дотур на работа, услуга со клиентите и се стекнуваат со одлична работна етика; лекции што ќе им служат кога ќе почнат да ја бараат првата работа.

- Сите сме имале прво работно место што нè научило како да работиме. Мислам дека ова ќе го направи тоа за нив и ќе одговори на нивните потреби - вели Томас Миур, градоначалник на Сангер.

Хантер Вертман, кој е ученик и менаџер во продавницата, вели дека веќе научил важни животни вештини, како што се управување со буџет и донесување добар избор за трошење врз основа на она што го имаш.

Покрај соработката со локалните бизниси и други соседски иницијативи, основачите на продавницата се надеваат дека откако програмата ќе успее, оваа продавница за добри дела може да послужи како пилот-програма за други мали заедници каде што несигурноста за храна е чест начин на живот.

Извор: Good News Network
Фото: Anthony Lane
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот