Често читаме вести како ресторани во некои земји од соседството или подалеку нудат бесплатни оброци за посиромашни луѓе. Сега таков случај на хуманост имаме и во нашата земја.
Имено, од локалот „Тајм аут“ од Тетово на страницата на „Фејсбук“ објавија дека нудат бесплатна храна за сите ученици со финансиски проблеми. Тие ученици, без разлика дали учат во основно, средно или, пак, се студенти, ќе добијат картонче со кое до крајот на школувањето ќе добиваат бесплатна храна.
- „Тајм аут“ нуди помош за ученици (од основно, средно) и студенти што имаат финансиски проблеми во текот на студирањето. Тие треба да се јават кај одговорниот на локалите и ќе им се даде картонче со кое во текот на годините до завршувањето на школувањето ќе добиваат бесплатна храна - објавија од локалот на нивната фејсбук-страница.
Веста наиде на рој позитивни реакции и воодушевување, а и побуди надеж дека ова нема да е единствениот пример во нашата земја.