X
 31.01.2016 Образование

Начини на спиење кои би ви оставиле повеќе време за учење

Време е на испити, колоквиуми и слични активности кои не се баш најдраги за студентите. Во принцип, секој од нас барем еднаш на ден помислува како би било денот да трае 48 часа бидејќи овие 24 часа не се доволни за да ги завршиме сите работи.

Бидејќи времето не може да се запре, обврските не можат да се избегнуваат, потребно е да се смисли некој друг пристап. Иако сите сакаме да спиеме малку подолго, кога ситуацијата е таква поенкогаш мораме да спиеме пократко отколку што сме навикнати. Познато, нели?

На една просечна личност потребни и` се од 6 до 8 часови сон за да ги наполни батериите. Овој начин на спиење се нарекува „монофазен“ и временски зазема, грубо проценето, околу третина од денот. Но, постојат различни методи и техники на спиење кои се основаат на различен распоред на спиење. Доколку никогаш не сте имале можност да се сретнете со овие методи, сега е време да откриете повеќе за нив, па кој знае, можеби и ќе ви одговара некоја од нив.

Доколку ви е потребно дополнително време за учење, запознајте го бифазното и полифазното спиење кои се состојат од два или повеќе термини на спиење дневно. Ова се некои од најпознатите методи.

Siesta

Ова е популарно име за бифазното спиење. Се состои од шест часа сон во текот на ноќта и дневна дремка од 20 минути. Овој ритам на спиење и будност ќе ви заштедат час и половина.

Everyman

Оваа метода се состои од четири и половина часови сон и две дневни дремки од 20 минути. Вака ќе добиете околу 1 час и 45 минути повеќе.

Dymaxion

Оваа метода се состои само од краток сон и тоа четири пати дневно по половина час, на секои шест часа. Вака ќе го продолжите денот за шест часа.

Uberman

Како и Dymaxion, станува збор за кратки интервали на спиење, но шест пати дневно, на секои четири часа, по 20 минути.

Не ги прескокнувајте дремките


Важно е да се држите до распоредот и да не ги прескокнувате дремките, бидејќи во тој случај ќе почувствувате опаѓање на енергијата. Инако, телото најлесно се прилагодува на siesta, а најтешко на uberman методата како најекстремен облик на полифазно спиење. Прилагодувањето на било кој друг ритам од она на кое сте навикнале трае околу две недели, а за тоа време можете да почувствувате недостаток на координација и енергија, поспаност, главоболка, мачнина, како и губење на апетит, во зависност од личност до личност. Пред да се впуштите во ваква авантура бидете сигурни дека сте спремни за вакво нешто и дека навистина сакате да го направите.

Предности и недостатоци

Освен евидентната заштеда на времето и потенцијалното зголемување на продуктивноста, полифазното спиење има и други прдности, како што е значително зголемување на креативноста во текот на денот поради често навлегување на мозокот во РЕМ фаза.

Еден од недостатоците е фактот дека светот не е прилагоден за полифазната метода. Исто така, некои истражувања покажуваат дека прекинувањата на сонот се еднакво штетни како спиењето не повеќе од четири часа.

Познати личности кои ја користеле полифазната метода


Наполеон обично спиел од полноќ до 2 часот наутро кога ќе се пробудел и ќе продолжел да работи до 5 часот наутро, па повторно се враќал во кревет и спиел до 7 часот наутро. Исто така, за него било вообичаено на сред битка да се врати во шаторот и да се одмори половина час, а после тоа бил целосно одморен да ја продолжи битката.

И Никола Тесла имал свој начин на спиење. Четири до пет часа сон на ден му биле доволни за успешно да работи и да функционира, веројатно благодарение на вежбите на дишење и општиот здрав стил на живот кој го практикувал уште од раната младост. Тесла знаел да работи и неколку денови без спиење, после што би легнал и би спиел цел ден.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование