Пехчевски Водопади се наоѓаат во долината на Брегалница, поточно под нејзиниот извориштен дел, на „границата“ помеѓу Влаина и Малешевски Планини. Водопадите се само 5-10 km југоисточно од градот Пехчево, па оттаму и нивното заедничко име. Овој дел од реката Брегалница, каде што се составуваат Требомирска, Љутачка и Крива Река, е познат под името Валавица (или Валавичка Река), поради слаповидниот пад на водата и многубројните брзаци. Низводно, по вливот на Равна Река, Брегалница има помал пад, помирен тек и поширока долина, па овој нејзин дел се нарекува Равна Река. За разлика од Брегалница (или Равна Река), нејзините кратки странични притоки имаат голем надолжен пад и неколку водопади. Во целото подрачје има десетина водопади, од кои 5 се повисоки од 4 метри и тоа (одејќи низводно): Ж’тачки, Љутачки, Скокото, Црндолски и Спиковски.
Ж’тачкиот водопад се наоѓа на Ж’тачка Река, пред нејзиниот влив во Љутачка Река, на 1330 m надморска височина. Водопадот е со височина од околу 4,5 m и до пред изградба на зафатот за малата хидроцентрала имаше значителна количина на вода до над неколку стотици литри во секунда. Сепак, последните години се случува во летен и сушен период водопадот да не функционира, бидејќи и самото речно корито е суво.
Љутачки Водопад се наоѓа на околу 300 метри низводно од Ж’тачкиот, на 1291 m надморска височина, под макадамскиот пат кон месноста Требомир. Овој водопад е највисок во областа, слаповиден, со вкупна височина од 11,8 m. Особено е фасцинантен во период по врнежи и топење на снегот, кога располага со големо количество на вода. Лесно е пристапен од блискиот макадамски пат по патека долга околу 200 m и тоа како подножјето, така и врвот на водопадот. За жал, како и со случајот на Ж’тачкиот Водопад, по изградбата на мала хидроцентрала и зафатот на вода до неа, во летниот период овој водопад често е безводен и претставува обичен карпест отсек.
Скокото е водопад на реката Брегалница (Валавица), кој се наоѓа непосредно по вливот на Љутачка Река. Тој е на 1150 m надморска височина, со височина е 4,2 m. До неодамна водопадот преку целата година имаше значително количество на вода од неколку стотици литри (па и над кубен метар) во секунда. За жал, по изградбата на малата проточна централа спротиводно, протекот драстично е намален и доста променлив. Така, при неколкуте наши посети во летото 2017 и 2018 година протекот изнесуваше само 10-50 литри во секунда. Покрај тоа, со градежните работи е деградирана околината на овој фасцинантен водопад, како и пристапот (патеката) од макадамскиот пат над водопадот.
Дел од Пехчевските Водопади како Љутачкиот, Жтачкиот, а донекаде и Скокото, од пред некоја година, во лето се речиси без вода.
Црндолскиот Водопад се наоѓа на краткиот водотек Црн Дол, десна притока на Брегалница (Равна Река во овој дел). До него се доаѓа по јасно видлива и делумно означена патека со должина од 0,7 km. Целата долина овде е фасцинантна, длабоко всечена, изразено шумовита и со тесно долинско дно. Водата паѓа од средината на амфитеатрален карпест отсек со височина од 6,7 m. Според нашите досегашни посети во различни годишни периоди, водопадот има најпостојан протек кој најчесто е помеѓу 30 и 100 литри во секунда. Во подножјето има плиток природен базен (карпест котел или т.н. џиновски лонец).
Спиковските Водопади се наоѓаат на истоимениот водотек (Спиковски Поток или Спиковски Андак), кој е следна десна притока на Брегалница по Црн Дол. Станува збор за 2 водопади од кои првиот е помал (2,2 m), на околу 200 m од патот, а поголемиот е 250 m спротиводно и со височина од 7,3 m. Горниот или големиот водопад е интересен по водената завеса што ја формира под отсекот и по природниот базен-котел во подножјето на водопадот. Двата водопади се лоцирани на надморска височина од околу 1050 m, во подрачје со густа шумска вегетација. Вода имаат во текот на целата година, но протекот значително им варира: од само 1 l/sek кон крајот на летото до над 100 l/sek по посилни врнежи и топење на снегот. Водопадите се лесно пристапни по обележана патека.
Без оглед на извонредниот природен пејзаж во кој се наоѓаат, Пехчевските Водопади долг период беа непознати за пошироката јавност. Сепак, по повеќе репортажи на медиумите значително се зголеми интересот за нивна посета. Воедно, паралелно со туристичкото уредување на локалитетот Равна Река, во периодот 2010-2014 година беа уредени патеки и пристапи до самите водопади. Тоа отвори можности за многу поголема туристичка посета, со оглед на атрактивноста на целиот простор и чистата природа. За жал, од 2017 година, односно по изградбата на малa проточна хидроцентралa, природата и водопадите се делумно девалвирани. Така, Ж’тачкиот и Љутачкиот Водопад во летниот период се речиси безводни, а Скокото е со минимална количина на вода. Во меѓувреме, патеките со придружните конструкции (мовчиња, скали, клупи, држачи и др.) во голем дел се уништени и оставени на забот на времето, а пристапот до некои водопади веќе е небезбеден, особено во зимскиот период. Поради сето наведено, потребни се соодветни мерки и активности за зачувување на она што уште може да се „спаси“ од овој прекрасен и чист природен предел. Тука се мисли на реставрација на туристичката инфраструктура и пристапите до водопадите, како и контрола на количеството на вода што се зафаќа за хидроцентралата (а која не треба да е под минимално дозволената). Во таа смисла, неопходна е дополнителна заложба на Општината Пехчево, на Источниот плански регион, но и на соодветните државни институции.
Автор: д-р Ивица Милевски