X
 31.01.2019 Живот

Паметниот начин на кој ова билингвално училиште во Стокхолм ги учи учениците за емпатија

Воспитувањето емпатично, отворено дете е високо на агендата на повеќето родители. Но, како може да се гарантира дека овие вредности ќе бидат засилени во текот  на училишниот ден?

Во меѓународното училиште „Футураскалан“ наставниците организираат проекти за глобално граѓанство што поттикнуваат толеранција и интеркултурна свест. 13-годишната Еба неодамна откри дека семејствата во Германија и не се толку расположени да споделуваат предмети. Ова го открила за време на вечера со германски студент на размена, на која нејзиното семејство беше домаќин.

- Сфатив дека во Германија живеат на поинаков начин отколку во Шведска. Кога студентот престојуваше кај нас, тој си го зеде ножот за путер за себе бидејќи во Германија имале сопствени ножеви  - вели таа.

Иако можеби не изгледа како реализација што би го променила животот, за Еба беше момент кога сфатила многу работи. Откривањето дека луѓето низ светот имаат различни норми е првиот чекор на станувањето свесен и почитта кон другите култури и обичаи. Проектот за размена на студенти е еден од многуте проекти што ја сфаќаат целта на едно училиште - да ги обликува идните светски граѓани. Како дел од мрежата на „Футурасколан“, во која работат девет претшколски установи и седум училишта во Стокхолм, ова училиште предава комбинација од шведскиот наставен план и меѓународниот наставен план за средно образование.

1
Фото: Futuraskolan


- Се обидуваме да ги научиме учениците како функционира светот. Предаваме различни комуникациски и презентациски вештини за да комуницираме едни со други, но исто така и да ги споредиме животите со учениците во странство - објаснува наставникот Јохан Филандер, кој го предводи профилот на меѓународни комуникации на училиштето и ги организира глобалните проекти за граѓанство.

Постојат неколку проекти за глобално граѓанство што ги извршуваат одделенијата, како што е проектот „Варлден Барн“ во кој учениците од шесто одделение собираат пари за добротворни цели и испитуваат како се користат, проектот „Рабиш“ во соработка со училиште во Шри Ланка и, се разбира, германскиот проект за размена на студенти. Сите проекти се изведуваат на англиски јазик, така што учениците истовремено ги подобруваат јазичните вештини и стануваат свесни за културата.

- Сите тековни истражувања сугерираат дека искуството и емоциите се клучни компоненти во процесот на учење. Затоа се обидуваме да конструираме и да ги олесниме искуствата наместо да даваме задачи. На овој начин учениците можат да му придадат значење на нивното учење и ќе можат да го применат во нивниот свет на начин на кој најмногу одговара на нивните амбиции.

2
Фото: Futuraskolan


Голем плус за училиштето дојде во форма на „Еразмус+“, двегодишен проект финансиран од ЕУ и во партнерство со училиштата во Холандија, Полска и Германија.

- Сакаме нашите ученици да учат за нивната семејна историја, па почнавме да истражуваме за нивните семејни потекла. Потребно е да се биде љубопитен за да дознаете за вашата историја - вели Јохан.

Тој додава дека учениците создале и туристичка агенција за да пронајдат сличности и разлики помеѓу Шведска и другите земји вклучени во проектот. Тие дизајнирале пакети за „патување низ времето“ за да видат како земјите се поврзани, но и како се разликуваат. Учениците веќе патувале во Полска како дел од „Еразмус+“ проектот и едвај го чекаат патувањето во Германија и во Холандија во текот на наредната година.

Подобрување на јазичните вештини

Ова е прва година кога 12-годишниот Ивар учествува во проектот за глобално граѓанство. - Сметав дека ќе биде забавно и интересно да се учествува. Забавно е да се учи за другите земји и јазици и да се учи на англиски - вели тој. Досега Ивар и неговите соученици снимиле пораки на англиски јазик за да ги споделат со партнерско училиште во Шкотска. Учениците размениле приказни за божиќните традиции, за кои открија дека на некој начин се слични, но и различни од другите.

3
Фото: Futuraskolan


- Уживам да разговарам со други луѓе и да се дружам со луѓе од различни култури. Ова полугодие ќе пишуваме писмо и ќе учиме за училиштата, и на „Скајп“ ќе разговараме со луѓе од Шкотска. Едвај чекам да разговараме на „Скајп“, сакам да учам јазици и нови зборови што не ги знам - вели тој.

И седмоодделенката Стела ужива во можноста да ги зајакне јазичните вештини. Не само англискиот, туку и германскиот јазик, што ќе има шанса да го учи со својот германски студент на размена.

Јохан забележува вистинска промена кај децата што учествуваат во проектите за глобално граѓанство. Започнуваат срамежливо, но брзо развиваат различни комуникациски вештини и учат за себе и за другите.

- Се надеваме дека ќе развиеме деца што повеќе разбираат и се потолерантни и емпатични. Сакаме да гледаат позитивни работи во светот и ова е нешто што покренува поголема позитивност. Кога одат на патувања, наставниците и родителите не секогаш се таму, па затоа треба да пронајдат свој начин да ги решаваат проблемите. Од ова огромна корист имаат и родителите - вели Јохан.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот