X
 31.01.2022 Култура

Филм за последната шанса да се запре Хитлер е најновиот хит на „Нетфликс“

„Минхен - Војна пред очи“ е новиот филм на „Нетфликс“ што го прикажува Минхенскиот договор од 1938 година потпишан од премиерите Невил Чембрлен, Адолф Хитлер, Едуард Даладје и Бенито Мусолини.

Тоа ѝ ставило крај на Судетската криза, меѓународен конфликт предизвикан од националсоцијалистите. Хитлер по секоја цена инсистирал на анексија на Судетската област, делот на Чехословачка во кој живеело германско малцинство. Трите милиони Германци таму требало да бидат „вратени во германскиот Рајх“.

Во реалноста, ова бил почеток на насилната експанзионистичка политика на нацистичка Германија. Од 1933 година Хитлер го вооружал Вермахтот, па воената машина била подготвена да започне со работа.

- Мислам дека секој човек може да влијае врз историјата - вели германскиот актер Јанис Нивонер, кој глуми една од главните улоги во овој филм.

Колку може да биде тешко и кои сили дејствувале против тоа, гледачите можат да видат во примерот на Пол фон Хартман, кој тој го глуми.

Овој дипломат дејствува како силен националист во германското Министерство за надворешни работи. Но, одеднаш му станува јасно каква опасност станува Хитлер.

- Нему му се чини дека, на крајот на краиштата, во историјата е невозможно одлучно да се дејствува, но не губи верба во тоа. Тоа е најважната порака - вели актерот.

Наводен мир

Инвазијата на Чехословачка би предизвикала верижна реакција. За Франција, би настапил случај кога би морала да му помогне на сојузникот, а истото важело и за Велика Британија. За да се спречи овој меѓународен конфликт, западните сили со својата политика на „смирување“, попуштање, сакале да му го „одземат“ ветрот во грбот на Хитлер.

Со Минхенскиот договор се согласиле дека териториите за кои претендира Германија ѝ припаѓаат - претставниците на Чехословачка не биле поканети, а Хитлер неволно потпишал. Тој веќе сонувал за војна, а подоцна во диктатите на Борман во 1945 година забележал: - Од воена гледна точка бевме заинтересирани да ја почнеме една година порано. Но, не можев ништо да направам бидејќи Англичаните и Французите во Минхен ги прифатија сите мои барања.

Измислена приказна што се базира на вистински настан

Што би било кога би било? Што ќе се случело ако западните сили тогаш не му угоделе на Хитлер со војска да влезе во Судетската област? Токму со тоа се занимава филмот „Минхен - Војна пред очи“ (герм. München - Im Angesicht des Krieges), чиј заплет е базиран на романот на Роберт Харис.

Тој раскажува измислена приказна, вклопена во историски контекст, за двајца млади луѓе, германскиот дипломат Пол фон Хартман (Јанис Нивонер) и приватниот секретар на Чембрлен, Хју Легејт (Георг Мекеј).

Двајцата се запознале во 30-тите години додека студирале на „Оксфорд“. Неколку години подоцна, едниот за Хитлер преведувал написи од странски весници, другиот му помагал на британскиот премиер во пишувањето говори.


Извор: Index.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура