X
 31.03.2019 Живот

10 карактеристики на остварените жени според рускиот психолог Михаил Лабковски

Тие немилосрдно отфрлаат сè што не се вклопува во нивната слика под името „Како што сакам јас“. И спротивно на гласиштата на завидливците, добиваат работа, маж и живот каков што сакаат.

1. Таа од малечка научила да се потпира само на себе

Дури и ако мама и тато биле прекрасни, а детството идилично, таа не смета дека некој ѝ должи нешто или дека ѝ е гарантиран совршен живот. Таа се потпира на сопствените напори, можности и способности.

2. Таа е доволна сама на себе

Не ѝ се неопходни други луѓе, особено не мажи, за да ги реши своите проблеми. Исто така, не ѝ се потребни за да биде среќна. Таа сама ги решава своите проблеми и се усреќува. Другите луѓе ѝ доаѓаат како шлаг на тортата, животот ѝ го прават посладок.

3. Таа е независна, во секоја смисла на зборот

И тоа, пред сè, финансиски. Ваквите девојки обично од раната младост размислуваат како и каде ќе заработуваат за живот. Рано го напуштаат домот на родителите, не се плашат да одат во друг град или земја за да се образоваат, да се развиваат и да растат. Таквите девојки до 25 години од животот веќе имаат јасен план за кариерата, некоја веќе има и значајно работно искуство и надминала неколку чекори во кариерата. Тоа не се нужно чекори нанапред и не значи дека сите итаат да станат големи шефици. Тоа може да биде некое научно откритие, пишување книга, некоја корисна програма. Станува збор за тоа што ваква девојка до својата 25-годишна возраст веќе направила нешто во животот, а не само да планира и да бара објаснувања зошто остварувањето на плановите не ѝ оди од рака.

4. Таа не бара помош

Односно, можеби и ќе побара, но тоа значи дека пробала да направи сè: ја анализирала ситуацијата, направила неколку обиди да стигне до целта сама и конечно се уверила дека нема доволно потенцијал, па одлучила да се обрати кај некој што би ѝ помогнал. Но, додека не се увери дека е невозможно проблемот да се реши без вклучување, така да кажам, на други ресурси, таа нема да побара помош. И има право. Интересно е што оваа карактеристика се манифестира уште на училишна возраст. Девојче, соочено со нерешлива задача по математика, цел ден седи над книгата и дури вечерта им се обраќа на родителите со молба да ѝ помогнат. Не толку успешните жени се однесуваат поинаку: уште при првата тешкотија лелекаат и молат некој друг да го преземе проблемот врз себе.

5. Таа не прави компромиси

Ваквиот тип жени не се плашат дека нема да успеат, дека нема сами да излезат накрај со нешто, не им е потребно одобрување од другите. Овие девојки ги напуштаат активностите што не ги исполнуваат, во тинејџерската доба сами одлучуваат што ќе бидат кога ќе пораснат и во кое училиште ќе се запишат, овие студентки не купуваат семинарски трудови затоа што нив ги интересира насоката што ја избрале, овие девојки не се состануваат со момци што не ги почитуваат. Тие немилосрдно отфрлаат сè што не се вклопува во нивната слика под името „Како што сакам јас“. И спротивно на гласиштата на завидливците, добиваат работа, маж и живот каков што сакаат. Бескомпромисно се однесуваат и кон работата. Таквите жени нема да работат за понижувачки ниска плата, нема да трпат лоши работни услови, нема да ја толерираат грубоста на шефовите, ниту манипулациите од страна на колегите. Тие ќе заземат став за даден проблем, а ако ништо не се промени, ќе преминат на друго работно место, во друг сектор или во друга компанија.

6. Таа никогаш и со никого не се споредува

Таа не се мери со другарките, ниту со роднините, ниту со колегите, според достигнувањата, финансиите или социјалниот статус. Многу е свесна за тоа дека секогаш ќе се најде некоја помлада, позгодна, побогата, поуспешна, погламурозна, можеби и со титула војвотка. Таа се споредува само со себе, со онаа од вчера или од минатата година, и ги оценува исклучиво своите достигнувања во тој период.

7. Таа е задоволна од својот изглед

Не сака да го оперира носот, не ги зголемува усните и градите, не е постојано на диета и не се потресува што изела две парчиња торта. Таа се негува, води сметка за изгледот и не се жали дека не е доволно убава. Таа се грижи за својата надворешност без намера да се промени.

8. Таа не сонува за брак

Но, не затоа што никој не ја сака, никако. Може да има милион љубовници, но не сака со нив да создава семејство. Инфантилен и слаб маж не ѝ е интересен, а паметен, амбициозен и семејно ориентиран човек во нашата земја, за жал, е ретка појава. За среќа, на остварената жена тоа не ѝ пречи бидејќи (види ја точката два) нејзината среќа не зависи од другите.

9. Таа не прифаќа нееднаквост

Начелото „мажот е хранител“ за неа е сосема незамисливо. Со неа можете да комуницирате само на рамноправна основа и не ѝ е важно кој е побогат, поавторитетен или зазема повисока позиција. Таа ќе разговара со директорот на државна компанија како и со продавачот во продавница, никогаш нема да си дозволи да биде непристојна кон келнерот, но нема да толерира омаловажување од страна на сопственикот на спортскиот клуб каде што е активна.

10. Таа никогаш нема да ја напушти работата

Дури и ако има милијарди на сметката – за неа тоа не е прашање за пари. Таа се остварува, ја сака својата работа и не ѝ паѓа на памет да напушти сè и да седи дома. На работа не оди да „паѓа на нос“, туку да го прави тоа што го сака.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот