X
 31.03.2020 Забава

Ресторани нудат оброци инспирирани од коронавирусот

Периодов главна тема на сите разговори е коронавирусот. Некои ресторани го користат овој „тренд“ и создаваат оброци поврзани со коронавирусот со цел да привлечат повеќе посетители.

Еден готвач во Виетнам создал хамбургер кој изгледа како микроскопска слика на коронавирусот. Со продавањето на овој бургер во својот ресторан, готвачот Хуанг Тунг сака да ги поттикне посетителите да се ослободат од стравот од вирусот со јадење на бургерот. Според „Ројтерс“, ресторанот продава околу 50 вакви бургери дневно, што е импресивно со оглед на тоа што многу ресторани низ светот беа затворени поради пандемијата.



Во Франција готвачот Жан-Франсоа Пре почнал да прави велигденски јајца инспирирани од коронавирусот. Станува збор за чоколадни јајца кои се обоени во црна боја, а на кои има залепено бадеми обоени во црвено. Јајцата потсетуваат на вирусот кога се гледа под микроскоп. Пре изјавил за медиумите дека ги создал јајцата за да донесе хумор во целата ситуација бидејќи е уморен од слушање за коронавирусот.



Во меѓувреме во Западна Германија една пекарница нуди торти во облик на тоалетна хартија. Ова е инспирирано од недостиот на тоалетна хартија во одредени земји откако граѓаните почнаа да ја купуваат во големи количини. Тортите се хит кај купувачите, а тимот произведува над 200 дневно. Овие торти му помагаат на бизнисот да продолжи да работи во време на кризата.



Во САД една продавница за крофни во Њујорк нуди крофни на кои е нацртано лицето на Антони Фаучи, специјалист за инфективни заболувања во САД.

- Сакавме да најдеме начин на кој ќе ги развеселиме луѓето во нашата населба - изјавил Ник Семераро за Си-ен-ен.

Сè уште не е забележана пица инспирирана од коронавирусот, но не се сомневаме дека наскоро ќе биде направена.

Автор: Тамара Хардингем-Џил
Извор: Си-ен-ен
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава