X
 24.03.2020 Живот

Индијците излегоа во големи групи за да го прослават повикот на премиерот за социјално дистанцирање

Повикот на индискиот премиер Наренда Моди за аплаудирање во знак на поддршка на здравствените работници и доставувачите можеби беше прифатен и премногу добро во неделата, па стана и сериозен здравствен ризик за стотици луѓе.

Во телевизиско обраќање од 19 март, Моди повика на „Џаната полициски час“, односно народен полициски час, на 22 март во периодот меѓу 7 и 21 часот. Тој ги повика Индијците да излезат на балконите и прозорците во 17 часот за да им оддадат почит на клучните службеници со аплауз, удирање во метални садови или ѕвонење во рок од пет минути.

Голем број Индијци беа послушни.

Во текот на изминатите денови такви постапки имаше во неколку земји што се тешко погодени од пандемијата на коронавирусот, како Италија, Шпанија и други.

Сепак, во обид да го ископираат тоа, многу Индијци можеби ја загрозија целата идеја за социјално дистанцирање. Во многу делови од Индија луѓето излегоа на улиците во големи групи, викајќи, тропајќи, свирејќи на традиционални инструменти... - само за да го покажат нивниот ентузијазам, но сосема анулирајќи го и она малку што беше добиено од самиот полициски час.

Неверојатно, но на многу места таквите големи групи беа предводени од владини службеници. На пример, во Карнатака групата беше предводена од страна на гувернерот на сојузната држава, Ваџубхаи Вала.

Ризичниот ентузијазам беше критикуван од неколку страни, нагласувајќи дека наместо да се помогне во зауздувањето на пандемијата, постапката може потенцијално да ја влоши.

Како и да е, ова многу ризично однесување не беше единствената грижа. Тоа беше и основа за лажни вести. На пример, многумина истакнаа дека „позитивната енергија“ од ракоплескањето и вревењето ќе помогне во потиснувањето на вирусот.

Извор: Quartz
Насловна фотографија: Twitter (screenshot)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот