Од Министерството за здравство велат дека засега не е планирано да се менуваат режимот и начинот на препишување „клексан“, односно во моментов нема да се менува позитивната листа на лекови
Ако имате потреба од лекови против згрутчување на крвта, терапија која е неопходна за многу болни од Ковид-19 и пациенти што ја прележале болеста, може да се изнамачите да најдете по домашните аптеки. Ако успеете да обезбедите „клексан“ или „фраксипарин“, ќе треба да платите за нив полна цена (130-260 денари за доза), а потоа да чекате поврат на поголем дел од дадените пари од Фондот за здравствено осигурување. Иако пациентите години наназад алармираат дека не можат да си дозволат да ја плаќаат оваа терапија, не се менува начинот како да стасаат до неа. Оние што не успеваат да ги најдат во аптеките, велат дека ги набавуваат на црно или од странство, а тоа може да чини поскапо.
Повеќе месеци наназад луѓето не можеа да купат антикоагулантна терапија во аптеките бидејќи со зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 се зголеми и потрошувачката на лековите „клексан“ и „фраксипарин“. Тие повеќе пати бараа од здравствените власти да го обезбедат лекот во аптеките, кој инаку е на болничка листа на лекови. Тоа значи дека со лекарска препорака го купуваат во аптека, а потоа поголем дел од средствата им ги рефундира Фондот за здравствено осигурување. Ковид-19 може да предизвика згрутчување на крвта, па затоа се користат овие лекови, а ги користат и бремени жени.
- Јас примав „клексан“ и кога бев бремена, пред 6 години, и сега поради коронавирус. Ништо не се сменило. Две дози дневно се околу 500 денари, па пресметајте колку чини. Потоа поднесуваш документи за поврат на пари, па чекаш... А ако не најдеш, се снаоѓаш да ти донесат од странство или некаде каде што продаваат под рака. Имам впечаток како некој да купил големи количини за потоа така да ги продава - вели М.З. од Скопје.
Пациентите со години наназад бараат да се овозможи антикоагулантна терапија да си ја подигнуваат од аптека само со плаќање партиципација, а не да се плаќа полна сума за неа. Но залудно.
Од Министерството за здравство велат дека засега не е планирано да се менуваат режимот и начинот на препишување „клексан“, односно во моментов нема да се менува позитивната листа на лекови.
Колку навистина е зголемена потрошувачката на антикоагулантната терапија, од здравствените власти засега не можат да излезат со прецизни податоци. Фондот за здравствено осигурување нема податоци колку вкупно антикоагулантна терапија е препишана, бидејќи овие лекови се на болничка листа и не се издаваат на рецепт, туку се препишуваат на извештај од лекар специјалист.
- Клексаните се пропишуваат по извештај од лекар специјалист, за вонболничка употреба, и се аплицираат кај избраните лекари или во специјалистичка амбуланта. За пациентите да ги подигнат лековите од аптека, неопходен им е розов рецепт, но тие не се во надлежност на Фондот и затоа нема податоци - велат од Фондот за здравствено осигурување.
Фондот за здравствено осигурување лани рефундирал средства за 363.000 нискомолекуларни хепарини, или 256.000 ампули со различна јачина од лекот „клексан“ и 107 ампули со различни јачини од лекот „фраксипарин“. Овие лекови ги користеле 14.995 осигуреници, а Фондот потрошил 58 милиони денари. Фондот објаснува дека ова се средства само за лековите подигнати во аптека, но не и оние што се потрошени во болниците за третман на пациентите во болнички услови.
- На 57 осигуреници барањето за рефундација на средства им е одбиено поради несоодветна документација или поради тоа што приложената документација не била во согласност со прописите - вели Фондот за здравствено осигурување.
На барањето од луѓето да се обезбедат лекови и во аптеките и во болниците, и од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување уверуваат дека антикоагулантна терапија има во јавните здравствени установи. Во одреден период Министерството за здравство рече дека недостиг на лекови има и во целиот свет и дека во оние јавни здравствени установи каде што нема лекови набрзо ќе бидат обезбедени.
Фондот за здравствено осигурување нема податоци колку од оваа терапија е потрошена во јавните здравствени установи бидејќи редовните контроли на работењето на болниците не се направени поради кризата со Ковид-19.
- Јавните здравствени установи се обврзани да ги имаат лековите за примена кај лежечки пациенти и бројот на предмети за рефундација за вакви случаи не е голем, што значи дека главно јавните здравствени установи ги имаат тие лекови за потребите на болниците - велат од Фондот за здравствено осигурување
Според податоците на Фондот, нема значајно зголемување во бројот на средства рефундирани на осигурениците во 2020 и 2019 година.
- Во текот на 2019 година рефундирани се околу 360.500 ампули нискомолекуларни хепарини, 252.000 ампули со различни јачини од лекот „клексан“ и 108.500 ампули со различни јачини од лекот „фраксипарин“, за кои Фондот потрошил околу 57,7 милиони денари - велат оттаму и додаваат дека немаат податоци за лекови кои се препишани од специјалист, кои луѓето ги купиле, а не побарале рефундација на средства.
На прашањето зошто нема од лековите и колку се потрошени, Министерството за здравство одговори дека сите болнички аптеки и аптеките низ градовите се снабдени со антикоагулантна терапија.
- Поради пандемијата, зголемена е потрошувачката на „клексан“ насекаде во светот, па така и кај нас. Криза во смисла на недостиг на „клексан“ нема, туку има зголемена потрошувачка - велат од Министерството за здравство.
Оттаму не добивме податоци колку вкупно рецепти се препишани за оваа терапија, за што податоците се во електронскиот систем за здравствени евиденции.
- „Клексанот“ е болнички лек за кој средства се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување. За детали за издадените лекови и рефундирани средства ве упатуваме податоци да побарате во Фондот за здравствено осигурување - велат од Министерството за здравство.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД не одговорија на прашањето колку од овие лекови се увезени минатата година во земјава и зошто во аптеките немаше терапија.