X
 13.01.2021 Здравје

Зошто Индонезија планира првин да ги вакцинира помладите граѓани?

Индонезија се подготвува за масовна вакцинација против Ковид-19, а планот е да им се даде приоритет на лицата што работат, а не на постарите лица, со цел да се постигне колективен имунитет побрзо и да се обнови економијата.

Повеќе земји веќе почнаа со вакцинирање и им даваат приоритет на постарите лица, кои се со поголем ризик да развијат тешки симптоми доколку се заразат. Индонезија, која ќе ги вакцинира жителите со кинеската вакцина, вели дека нема доволно податоци за ефикасноста на вакцината на постарите лица бидејќи во клиничките испитувања биле вклучени луѓе на возраст од 18 до 59 години.

Властите таму планираат да чекаат препораки од регулаторните тела за да ги вакцинираат постарите. Азиската земја засега има пристап само до кинеската вакцина, додека земјите како САД и Велика Британија користат вакцини за кои се покажало дека функционираат на сите возрасти. Индонезија очекува да прими вакцини од „Фајзер“ во третиот квартал, а оние од „Астра зенека“ и „Оксфорд“ треба да пристигнат во вториот квартал од годината.

Што велат експертите?

Питер Колињон, професор за заразни болести на Државниот универзитет во Австралија, вели дека не може да се биде сигурен дека одреден пристап е вистинскиот. Според него, различниот пристап на Индонезија може да ни покаже која стратегија би можела да биде подобра.

Професорот Дејл Фишер од факултетот за медицина „Јонг Лу Лин“ при Државниот универзитет во Сингапур вели дека ја разбира логиката на Индонезија. Младите луѓе се поактивни, повеќе се социјализираат и повеќе патуваат, па затоа со нивно вакцинирање може да се намали ширењето на вирусот побрзо отколку кога би се вакцинирале постарите, вели тој, додавајќи дека постарите луѓе се ризична група и затоа оваа стратегија има добри страни.

Дали побрзо ќе се добие колективен имунитет?

Индонезиските власти веруваат дека со вакцинирање на активните групи побрзо ќе се постигне колективен имунитет. Буди Гунади Садикин, министер за здравство на Индонезија, изјавил дека земјата треба да вакцинира 181,5 милион луѓе, односно 67% од населението, за да се добие колективен имунитет. За тоа би биле потребни речиси 427 милион дози, со претпоставка дека 15% нема да бидат искористени.

Некои експерти се скептични за постигнувањето колективен имунитет бидејќи нема доволно истражувања за ефикасноста на вакцината. Хасбула Табрани од индонезиското Здравствено економско здружение вели дека постои ризик луѓето и понатаму да го шират коронавирусот, иако се вакцинирани.

Дали тоа ќе ѝ помогне на економијата?

Според економистите, успешно вакцинирање на 100 милиони луѓе ќе ја обнови економијата. Фесал Рачман, економист во „Банк Мандири“, вели дека групата на возраст од 18 до 59 години има поголеми потрошувачки потреби од другите групи, па затоа тоа ќе го забрза обновувањето на економијата бидејќи домашната потрошувачка сочинува над 50% од економијата на Индонезија.

Пандемијата ја турна Индонезија во рецесија по повеќе од две децении.

Автори: Стенли Видианто и Табита Диела
Извор: weforum.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје