X
 31.05.2023 Наша тема

„Титов Врв скајрејс“ е најтешката трка во Македонија, долга 22 км, а се искачуваат неколку врва над 2.500 метри

„Титов Врв скајрејс“ е многу повеќе од спортски натпревар, настанот ги промовира природните и туристичките потенцијали на Шар Планина и Полошкиот Регион, значењето на природата, планинарството и спортскиот дух, посочува Душко.

Бројот на учесници варира од 60 до 80 натпреварувачи. Покрај самите тркачи, настанот е посетуван и поддржан од планинари и рекреативци кои ги бодрат натпреварувачите на стартот и финишот

„Титов Врв скајрејс“ претставува екстремна високопланинска трка и воедно е Национално првенство во скајранинг во нашата земја, организирана од Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје, a со поддршка на Планинарската федерација на Македонија.
Трката по петти пат се одржува на нашата најголема и една од најатрактивните планини - Шар Планина. Важи за најтешка и најекстремна трка во Македонија и единствениот скајрејс. Овогодишното издание е закажано за 4 јуни со почеток од 8 часот пред Конак, Попова Шапка.



Патеката е со вкупна должина од 22 километри и висинска денивелација од 1.900 метри (искачување и спуштање). Според своите карактеристики, се дефинира како скајранинг натпреварување, а теренот е суров и на места каменест. Стартот и финишот на трката се на Попова Шапка, на 1.750 м.н.в., а се искачуваат неколку врва над 2.500 м.н.в., меѓу кои и највисокиот на Шар Планина, Титов Врв, со 2.747 м.н.в.

Предизвик е безбедно да се заврши

- Овој настан се одржува во континуитет од 2019 година, со веќе реализирани четири успешни изданија, со присуство на домашни и странски натпреварувачи. „Титов Врв скајрејс“ истовремено претставува и квалификациска трка за Европското првенство во скајранинг, кое оваа година ќе се одржи во соседството, односно во Србија и Црна Гора. Сето тоа претставува дополнителен мотив за сите наши натпреварувачи да се подготват и да се покажат во најсилно светло, а секако - најуспешните тројца момци и три девојки достојно и гордо да ја претстават државата на едно меѓународно натпреварување - ни соопштува Душко Петрушевски од ПК „Македон“.



Самата трка, со нејзината специфичност и тежина, е предизвик за натпреварувачите дури и само безбедно да се заврши.

- Оние што биле на планина и планинареле точно знаат што значи брзо да искачите 20-ина км со над 1.500 метри висинска разлика и да се симнете. И токму тоа, како и чувството да бидете над 2.000 м.н.в. со сите тие пејзажи и еден вид борба со својот ум и планината, е повеќе од доволен мотив. Овој тип трки не се непознати за странците. За жал, ние сме пионери во вакви трки иако имаме прекрасни планини и терени за ваков спорт. Странците што ќе дојдат овде и што учествувале на оваа трка знаат да кажат дека „Титов скајрејс“ е трка во вистинска смисла, со сите потребни параметри, и воодушевени се од она што го нуди ова планина - ни изјавува Душко.



Претходните години учествуваа натпреварувачи од Србија, Албанија, Косово.

- Оваа година оваа трка беше вметната во календарот на квалификациските трки за норма и во соседна Србија и Црна Гора. Така што веруваме и очекуваме дека и оваа година ќе имаме натпреварувачи од соседните земји, списокот за пријави сѐ уште е отворен - додава тој.

Многу повеќе од спортски натпревар

Со својата највисока точка, врвот Титов Врв, оваа трка е во топ-пет највисоки трки на Балканскиот Полуостров или највисока трка во поранешните ју-земји.

- „Титов Врв скајрејс“ е многу повеќе од спортски натпревар, настанот ги промовира природните и туристичките потенцијали на Шар Планина и Полошкиот Регион, значењето на природата, планинарството и спортскиот дух - посочува Душко.

Бројот на учесници варира од 60 до 80 натпреварувачи. Покрај самите тркачи, настанот е посетуван и поддржан од планинари и рекреативци кои ги бодрат натпреварувачите на стартот и финишот.


- Ентузијазмот и желбата кај членовите на ПК „Македон“, како и нашите многубројни пријатели, за унапредување и развој на овој тип активности на планините, а кои се веќе мегапопуларни во светот, особено во Западна Европа, се мотив плус секоја година да бидеме сѐ поорганизирани и сѐ повеќе оваа трка добива професионален лик. Организацијата на оваа трка бара исклучително многу труд и излегување од комфорната зона, пред сѐ, поради непристапниот терен за возила на добар дел од трасата на трката. Тоа подразбира ангажирање луѓе, планинари кои 10-ина дена пред трката одат на планината и вршат подготовки (маркирање) на маршрутата, подготовка на освежителните станици за натпреварувачите и сл. Ден пред почетокот на трката група од организаторите со помош на коњи качува дел од опремата на мерните станици, освежителни точки (храна, вода, медикаменти) и преспива на врвот од планината со цел следното утро сѐ да биде спремно за почеток на трката – споделува Душко.

Организацијата се темели на ентузијазам, без слух од институциите

За жал, и оваа година нема многу слух кај институциите, општините, Попова Шапка и фирми за поддршка на настанот и се сѐ темели на ентузијазмот на клубот.

- Трката е важна не само од спортски аспект, туку и за промоција на Шар Планина, сега како нов Национален парк, како можност за развој на Попова Шапка во период кога буквално ништо не се случува на неа - во пролетните и летните месеци. А знаеме дека планината е интересна и нуди многу, не само како скијачки центар. Да не зборуваме за Западна Европа, доволно е да видиме во соседството што се случува и дека зад овие настани стојат сериозни спортски фирми, брендови, здруженија, државни институции – истакнува Петрушевски.



Скајранинг како дисциплина се појави во раните 90-ти години во Италија од страна на основоположникот - италијанскиот планинар Марино Џијакоменти, кој заедно со свои истомисленици започнал со брзи искачувања, трчање и организација на трки на Алпите. Постојат неколку услови за трката да влезе во категорија скајранинг, кои се воспоставени од почетокот на овие трки и кои се дефинирани од интернационалната скајранинг-федерација ИСФ.

- Постојат повеќе дисциплини кај скајранинг-трките, како што се: вертикален километар (кој не бара висина од 200 м.н.в.), но ова е трка само со искачување од минимум 1.000 метри и должина не повеќе од 5 км, скајултра, скајспид... и сите си имаат одредени карактеристики кои мора да се исполнат - информира Душко.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема