Виенските власти во септември ќе им ја платат станарина на жителите на 222.000 станови што се во сопственост на градот.
Било соопштено дека ќе им биде платено повеќе од половина од нето-износот на станарината. Тоа треба да биде дополнителен бонус во рамките на програма за помош при справување со инфлацијата за која се издвојуваат 55 милиони евра. Половина милион граѓани ќе добијат помош во исплаќањето на станарината.
Освен тоа, претпријатието за управување со градските станови во Виена, „Виенер Вонен“, ќе им додели уште еден финансиски бонус на оние чија станарина се зголемила оваа и минатата година. Висината на помошта ќе зависи од процентот на раст. Ќе се понуди и олеснување во процедурата за преговарање за наемот за станарите кои заостануваат со плаќањето на станарината.
Создавањето солидна мрежа на социјална сигурност со која се задоволуваат барањата на сегашното време е еден од приоритетите на австриската престолнина.
- Субвенционираното домување секогаш било симбол на социјална кохезија во Виена. Со бонусот за станари во градските станови, градот Виена и „Виенер Вонен“ покажуваат што значи општествено одговорното однесување. Во овие тешки времиња е важно луѓето да добијат реална поддршка за да не мора да се грижат дека ќе го изгубат станот - изјави Катрин Гаал, член на виенските власти.
Градот им помага на сите граѓани на кои им треба финансиска помош преку различни мерки, како станбена поддршка, финансиска помош за изнајмување стан итн.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Pixabay