Австрија е сместена во срцето на Европа и опкружена со прекрасните Алпи. Од Австрија потекнуваат Зигмунд Фројд, Лудвиг Витгенштајн, Франц Кафка, Волфганг Амадеус Моцарт итн. Покрај историското и културно значење, Австрија е примамлива и поради високиот квалитет на образовните установи, ниските школарини и можностите да се научи германскиот јазик.
Факултети и универзитети
Листата со сите универзитети со студиските програми може да ја пронајдете
ОВДЕ.
Најпознати универзитети во Австрија се Технолошкиот универзитет во Грац и Академијата на уметности во Виена. Технолошкиот универзитет во Грац нуди врвни предавања и истражувања од областа на инженерството и технолошко-природните науки. Клучен дел од нивната богата понуда е одличното познавање на потребите на пазарот и општеството.
Академијата на уметности во Виена веќе 300 години претставува водечки европски уметнички центар. Како универзитет, академијата е посветена на предавања во областа на уметностите, но и на истражувања.
Колку чинат студиите?
Студентите од ЕУ и студентите на размена кои се редовни не плаќаат школарина. Сите студенти плаќаат 18 евра по семестар за студентскиот сојуз. По завршувањето на рокот за предвидената стипендија, студентите може да продолжат со студиите за
363,36 евра за семестар. Студентите надвор од ЕУ плаќаат
729,72 евра по семестар, покрај 18 евра за студентскиот сојуз.
Како да се пријавите?
За да се пријавите за студии во Австрија треба да испратите апликација, заедно со потребните документи до универзитетот. Некои институции нудат регистрација преку интернет. Услов за примање:
- Пополнета апликација која може да се преземе од интернет-страницата на универзитетот.
- Доказ за национална припадност или важечки пасош.
- Средношколска диплома или документ со иста вредност (за додипломски студии) или соодветна факултетска диплома (за последипломски студии).
- Доказ за познавање германски јазик.
Документите од странските држави треба да бидат доставени во оригинална форма или како судска заверена документација, како и преведени од судски преведувач. Некои универзитети бараат полагање приемен испит или доказ за професионална компетенција.
Рокови
Универзитетите ги примаат документите до
1 септември за зимскиот семестар и до
1 февруари за летниот семестар. Различни ограничувања при уписите може да има на студиските програми по медицина, медицински насоки, психологија, ветерина, стоматологија, новинарство, комуникологија, медиуми и комуникација и студиски програми за кои има многу заинтересирани.
Јазик на студирање
Основниот јазик на кој се одвиваат предавањата е германскиот, а некои програми се достапни и на англиски. За да бидете примени на одредена студиска програма на германски јазик треба да покажете доказ за познавање на јазикот, а се примаат различни сертификати.
За англиски јазик, потребни се 550 поени на писмениот тест; 213 поени на компјутерскиот тест; 79-80 поенти на тестот преку интернет за ТОЕФЛ, а 5,5-6,5 поенти за ИЕЛТС. Доколку немате полагано некој од овие тестови треба да положите еквивалент на ниво Б2 за англиски јазик.
Стипендии
Австриските и меѓународни организации нудат различни видови стипендии за студентите кои покриваат различни видови трошоци, иако оние кои ги покриваат сите трошоци се ретки. Интернет-страниците кои може да бидат од корист се „
Scholarship positions“ и „
OeAD“.
Сместување
Условите во студентските домови се разликуваат од дом до дом. Трошоците се движат од 180 до 250 евра за еднокреветна соба и од 150 и 200 за двокреветна. Популарна алтернатива е и делење стан со други студенти. Корисни линкови:
OeAD Housing Office,
home4students,
Wohnenboerse.
Животни трошоци
Наведените цифри претставуваат приближна сума на месечните трошоци во Австрија за студенти. За сместување потребни се
250-350 евра, во што се вклучени трошоците за струја, греење итн. За храна се потребни околу
240 евра месечно. За останатите трошоци за живот се претпоставува дека се потребни околу
290 евра (јавен превоз, кино, музеи...).