Во неодамнешно интервју за „Блумберг“, поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Стив Балмер, зборува за тоа како изгледаат интервјуата за работа во една од најпознатите технолошки компании во светот.
Балмер, кој бил на чело на „Мајкрософт“ од 2000 до 2014 година, открил едно трик-прашање што им го поставувал на сите кандидати и објаснил каков одговор очекувал.
Ова прашање немало цел само да го тестира размислувањето на кандидатите, туку и нивната способност за стратешко носење одлуки, нешто што Балмер смета дека е клучно за успех во технолошката индустрија.
Тој објаснил дека на сите интервјуа им го поставувал истото трик-прашање:
- Размислувам за број помеѓу 1 и 100. По секој обид ќе ти кажам дали бројот е превисок или пренизок. Ако погодиш од првиот обид, добиваш 5 долари, потоа 4, 3, 2, 1, а ако на крај не погодиш, ти ми плаќаш мене 1 или 2 долари.
Оваа игра служела за да се процени како размислуваат кандидатите. На пример, Балмер ја играл оваа игра со извршниот продуцент на „Блумберг“, Емили Чанг, која почнала логично, со бројот 50, и на крај, по седум обиди, го погодила бројот 59.
Која е поентата на прашањето?
Балмер не сакал само точен број, туку го интересирало дали кандидатите го разбираат поширокиот контекст на играта. Идејата е дека ако се гледа рационално, шансите за губење се поголеми од шансите за добивка бидејќи има многу повеќе можни „погрешни“ броеви отколку добитни сценарија. Затоа, вистинското прашање било дали кандидатот воопшто би прифатил да ја игра играта.
Емили Чанг веднаш прашала: - Значи, згрешив, требаше да ја одбијам играта?, на што Балмер суптилно навестил дека тоа е суштината на задачата.
Тој се присетил на кандидат кој веднаш математички ја пресметал очекуваната вредност и заклучил дека играта не се исплати, што било токму посакуваниот одговор.
На крај, Балмер објаснил дека целта е да се процени способноста за анализа на ризик и донесување одлуки, кои се клучни вештини во динамичната технолошка индустрија.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia