На планетава постои само една суверена држава што го носи името на жена.
Станува збор за Света Луција, карипска островска држава именувана по Света Луција од Сиракуза, сицилијанска христијанска маченичка од почетокот на четвртиот век. Името на островот, кој многумина го нарекуваат „рај на Земјата“, пристигнало преку француски легенди, верски празник и вековна колонизација.
Меѓу 193. држави членки на Обединети нации, Света Луција е единствената што го носи името на реална историска личност која била жена.
Којa била Света Луција?
Света Луција од Сиракуза е родена во 283 година во богато семејство, а била убиена околу 304 година за време на прогонот на христијаните од страна на римскиот император Диоклецијан.
Нејзиното име потекнува од латинскиот збор lux, што значи „светлина“. Според традиционалната приказна, таа дала завет на вечна невиност и својот мираз им го поделила на сиромашните. Одбила да принесе пагански жртви пред римскиот гувернер Пасхасиј, по што била мачена и погубена со меч на 13 декември.
Подоцнежните средновековни легенди велат дека ѝ биле извадени очите, па токму затоа денес се смета за заштитничка на слепите лица, писателите и луѓето со проблеми со видот.
Како името стигнало до карипскиот остров?
Постојат најмалку две легенди за тоа како островот го добил името.
Најпознатата верзија е дека француски морнари доживеале бродолом на островот на 13 декември, денот на Света Луција, некаде во првата половина на 16 век. Откако преживеале, во нејзина чест островот го нарекле Света Луција.
Според друга верзија, името било дадено уште при првото здогледување на островот, а не по бродоломот. И двете приказни остануваат дел од народната традиција, без целосна историска потврда.
Историските записи покажуваат дека првиот Европеец што стапнал на островот веројатно бил Хуан де ла Коса, поранешен навигатор на Христофор Колумбо, околу 1499 година.
Остров што 14 пати менувал владетели
До крајот на 16 век името Света Луција веќе било широко користено на европските карти.
Франција и Обединето Кралство со децении се бореле за контрола над островот, кој дури 14 пати го менувал сопственикот.
Поради постојаните војни околу островот, Света Луција го добила и прекарот „Хелена на Западните Инди“, според Елена Тројанска, околу која се воделе големи војни.
Во 1814 година Британците конечно ја презеле контролата над островот, но го задржале името Света Луција.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pixabay