X
 12.03.2021 Живот

Насилството врз жените е здравствен проблем со пандемски размери и не може да се запре со вакцина: секоја трета жена го доживува

Секоја трета жена во светот, околу 736 милиони, доживува физичко или сексуално насилство во текот на нејзиниот живот, според најновата анализа на Светската здравствена организација.

Новиот извештај покажува дека иако бројот на жени што доживеале насилство остана непроменет од последното глобално истражување на СЗО од 2013 година, ова насилство почнува од млада возраст.

Една од четири жени на возраст од 15 до 24 години веќе доживеала насилство од интимниот партнер пред да стигне до својата дваесетта година.

СЗО тврди дека ова е најголемото спроведено истражување од ваков вид, кое ги ажурираше претходните процени објавени во 2013 година. Организацијата ги анализирала податоците од постојните истражувања спроведени во 161 земја помеѓу 2000 и 2018 година со цел да се направат нови проекции. Истражувањето не вклучува податоци собрани за време на пандемијата.

Насилството од интимниот партнер се покажа како најраспространета пријавена форма на злоупотреба во светот - околу 641 милион жени изјавиле дека го доживеале.

Сепак, 6 отсто од жените во светот велат дека не биле нападнати од некој друг, туку од нивниот сопруг или партнер.

- Насилството врз жените е глобален јавен здравствен проблем со пандемски размери и почнува на многу мала возраст - изјави за Би-би-си авторката на истражувањето, д-р Клаудија Гарсија-Морено.

- Бројот може да биде многу поголем затоа што стравот од осуда може да послужи како пречка за многу жени да пријават сексуално насилство.

nasilstvo
Фото: Freepik

Каде е најголема веројатност жените да доживеат насилство?

Извештаите велат дека жените имаат поголема веројатност да доживеат физичко и/или сексуално насилство во текот на нивниот живот од интимниот партнер во земји со ниски примања, вклучувајќи ги океанските острови како што се Фиџи, Јужна Азија и Супсахарска Африка. Речиси секоја четврта жена (37 отсто) што живее во овие земји веќе го доживеала тоа, но тоа паѓа на речиси секоја петта кога станува збор за животот на жените во Европа (16-23 отсто) и Централна Азија (18 отсто).

- Насилството врз жените е ендемично во секоја земја и култура, им штети на милиони жени и нивните семејства, што дополнително се влоши за време на пандемијата - вели д-р Тедрос Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

- Но, за разлика од Ковид-19, насилството врз жените не може да се запре со вакцина - додава тој.

Влијанието на пандемијата

Заменик-секретарката на ОН и извршна директорка на „ОН Жени“, Пумзила Мламбо Нгчука, вели дека насилството врз жените е едно од најраспространетите, најупорните и најразорни повреди на човековите права во денешниот свет.

- Од појавата на пандемијата, неодамнешните податоци и извештаи покажаа дека сите видови насилство врз жени и девојчиња, а особено семејното насилство, се интензивираа во она што го нарекуваме пандемија од сенка. Денешниот извештај и влијанието на пандемијата покажуваат дека мора да се засилат мерките за засекогаш да се искорени насилството врз жените и девојчињата - додава таа.

Следни чекори


Извештајот на СЗО ги повикува земјите-членки на ОН да се здружат со граѓанските организации за да се осигурат дека потребните услуги им се достапни на ранливите жени.

Една од целите е да се стават на располагање средства за континуирано собирање податоци за подобрување на услугите и програмите.

- Би сакале да видиме повеќе волја и инвестиции и решеност на владите за елиминирање на насилството врз жените. Се надевам дека овие бројки се сериозно предупредување за владите - за ова се зборуваше пред пет години, но сега треба да се стори повеќе за да се исполнат квотите за одржлив развој за да се елиминира насилството врз жените до 2030 година - рече д-р Клаудија Гарсија-Морено.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот