Германските научници пронајдоа дополнителни докази дека Паркинсоновата болест би можела да биде автоимуна. Користејќи модел со матични клетки, тие покажаа дека клетките од имунолошкиот систем го напаѓаат допаминот кој го произведуваат клетките на луѓето заболени од оваа болест, што не е случај кај здравата популација.
(
Фото: Pixabay)
Допаминот е важен за многу мозочни функции. Кај Паркинсоновата болест мозочните клетки кои произведуваат допамин изумираат, а причината за тоа не е позната.
Како што исчезнуваат сè повеќе клетки, нивоата на допамин опаѓаат, па симптомите како тремор, забавеност, вкочанетост и проблемите со рамнотежата стануваат сè поизразени. Се јавуваат и проблеми со говорот, тешкотии при голтање, како и неконтролирани движења, пишува „
Медикал њуз тудеј“.
Кај автоимуните болести имунолошкиот систем ги напаѓа здравите органи, ткива и клетки, наместо да ги штити.
Иако идејата дека Паркинсоновата болест би можела да биде автоимуна болест не е нова, биолошките докази кои ја потпираат таа претпоставка сè до неодамна не беа толку бројни.
Дури пред извесно време научниците ја доведоа во врска употребата на лекови кои ги ублажуваат реакциите на имунолошкиот систем со намалувањето на ризикот од појава на Паркинсонова болест.
Оваа нова студија на Универзитетот „Фридрих Александер“ од Ерланген е објавена во списанието „Сел стим сел“.