X
 18.09.2018 Наука

Матичните клетки од млечни заби може да се искористат за оживување мртви заби

Матичните клетки од млечните заби може да се искористат за поправка на повреди на забите и за „оживување“ мртви заби во иднина, покажува едно ново истражување.

Научници истакнаа дека успеале да искористат матични клетки од млечни заби за да закрпат трајни заби што сè уште не се целосно израснати.

Регенеративната природа на матичните клетки - тие моќни клетки кои можат да се менуваат и да се делат за да го поправат речиси секој дел од телото - овозможила истражувачите успешно да го надополнат мекото внатрешно ткиво во забите (забна пулпа) на 30 пациенти во рамките на клиничко испитување во Кина.

Истата техника може да се користи и за поправка на заби кај возрасни луѓе, заменувајќи ги крвните садови и нервните поврзувања кои често исчезнуваат кога некој заб ќе се скрши.

- Овој третман им го враќа чувството на пациентите во нивните заби. Ако се подложени на топла или ладна стимулација, тие можат да го почувствуваат тоа, повторно имаат живи заби. Засега имаме податоци за две, две и пол, па дури и за три години и се покажа дека ова е безбедна и ефективна терапија - истакнува Сонгтао Ши од Универзитетот во Пенсилванија.

Како што истакнуваат истражувачите, речиси половина од сите деца страдаат од ист вид повреда на забите во текот на нивното детство и ако тоа се случи додека нивните трајни заби сè уште растат, може да бидат погодени крвотокот и развојот на коренот, а крајниот резултат може да биде и мртов заб.

Стоматолозите веќе користат третман наречен апексификација за да се обидат да го поттикнат развојот на коренот, но ова не е идеално решение и не прави ништо за замена на загубеното ткиво. Ши и неговиот тим веќе една деценија работат со дентални матични клетки земени од млечни заби. Во најновото клиничко истражување беа вклучени 30 деца што беа третирани со новиот метод и 10 деца што беа третирани со апексификација.

Резултатите покажале дека кај повредените заби на децата што биле подложени на новиот третман имало зголемен проток на крв и подебел дентин, како и повеќе знаци за здрав развој на коренот. Една година подоцна само оние што биле лекувани со новиот третман добиле некакви чувства во оштетените заби.

За жал, едно дете повторно го повредило истиот заб, па морало да му го извадат, но тоа било шанса за истражувачите повторно да го испитаат. Утврдиле дека матичните клетки помогнале во регенерацијата.

Сето ова е многу охрабрувачко, но сè уште има многу работа. Треба да се направат пошироки тестирања за да се осигури дека процедурата функционира. Како и да е, ова е уште еден охрабрувачки чекор напред во полето на поправката на забите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука