Студија која вклучувала прегледи на здравствени картони на повеќе од милион лица од источен Лондон идентификувала два нови рани знаци кои би можеле да бидат рани симптоми на Паркинсонова болест - губење на слухот и епилепсија. Препознавањето на овие можни знаци на болеста може да им помогне на лекарите порано да ја дијагностицираат, што би можело да им помогне на луѓето побрзо да добијат пристап до лекување. Студијата покажала и дека некои од најчестите симптоми на Паркинсоновата болест, како треперењето и проблемите со помнењето, често се присутни неколку години пред дијагнозата. Научниците забележале дека постои поголема поврзаност меѓу високиот крвен притисок и дијабетесот тип 2 и Паркинсоновата болест отколку што покажале претходни студии.
Што е Паркинсоновата болест и како можат да се уочат раните симптоми?
Паркинсоновата болест е прогресивна болест на мозокот и нервниот систем која влијае врз способноста на лицето да се движи. Меѓутоа, луѓето со оваа болест може да имаат низа симптоми, од кои некои не се поврзани со движењето. Не сите лица со болеста имаат исти симптоми или ги доживуваат во ист степен.
Времето кога лицето почнува да има симптоми кои би можеле да сигнализираат на Паркинсонова болест исто така може да влијае врз тоа кога ќе биде дијагностицирана.
Нова студија открила дека многу од вообичаените симптоми на болеста може да се појават многу години порано пред поставувањето на дијагнозата.
- Треморот, кој е еден од најпрепознатливите симптоми на Паркинсоновата болест, во нашата студија е забележан 10 години пред евентуалната дијагноза, што е предолг период за да чекаат пациентите - вели Кристина Симонет, невролог и главен автор на студијата.
Предолго чекање дијагноза
Истражувачите во минатото забележале дека од појавата на симптомите до дијагнозата поминува многу време. Кога на потенцијалните знаци и симптоми на болеста ќе се додадат губењето на слухот и епилепсијата, на лекарите би можело да им се помогне порано да ја дијагностицираат. Клучна улога тука играат општите лекари. За Паркинсоновата болест нема лек, но раната дијагноза е клучна затоа што има третмани кои може да им помогнат на пациентите да ја задржат физичката способност и независност што е можно подолго.
Други индиции за дијагноза
Било забележано дека други состојби како дијабетес тип 2, висок или низок крвен притисок, опстипација, депресија и еректилна дисфункција, исто така, биле присутни кај лицата на кои подоцна им била дијагностицирана Паркинсонова болест.
Што покажале резултатите од студијата
Наодите покажуваат дека некои од познатите рани знаци на Паркинсонова болест може да се јават порано отколку што покажало истражувањето. Покрај тоа, научниците ги идентификувале двата нови потенцијални рани симптоми.
Проблеми со помнење, други здравствени состојби
Истражувачите откриле дека проблемите со помнењето се почести отколку што покажале претходни студии кај луѓе на кои подоцна им е дијагностицирана болеста. Покрај тоа, кај овие пациенти постоела поголема поврзаност меѓу високиот крвен притисок и дијабетес тип 2 и зголемен ризик од Паркинсонова болест.
Губење на слухот
Кога станува збор за губењето на слухот, научниците ги проучувале проблемите со слухот кои биле доволно сериозни за пациентите да бидат упатени кај специјалист. Овој исход бил поврзан со доцна дијагноза на болеста и бил присутен до 5 години пред дијагнозата.
Епилепсија
Истражувачите велат дека епилепсијата е можен симптом за Паркинсонова болест. Меѓутоа, Симонет додава дека симптоми слични на Паркинсонова болест може да бидат предизвикани и од лековите што се користат за лекување епилепсија.
Извор:
Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay