„Имајќи го предвид изнесеното, сметаме дека постојат индиции за повреда на правото бидејќи именуваните професори незаконски склучиле договори за интелектуални услуги за кои се верува дека добивале и парични средства, спротивно на член 133, став 14 од Законот за високото образование“, констатирал народниот правобранител
Основното јавно обвинителство од Тетово води истрага против тројцата државни функционери
Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 33 од Кривичниот законик.
Оваа информација ни ја потврди и основната јавна обвинителка од Тетово, Драгослава Поповска.
- Да, се води постапка против тројцата државни функционери за злоупотреба на службената положба и овластување. Предметот е во фаза на предистражна постапка - ни изјави кратко Поповска.
Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски поднесе пријава до Управата за финансиска полиција за тројцата функционери, за кои тврди дека добивале хонорари од Тетовскиот универзитет за настава додека работните места им биле во мирување. Илиевски за сите постапки го информира и народниот правобранител. Минатата недела го добил конечното решение од канцеларијата на омбудсманот.
Во известувањето на народниот правобранител пишува дека откако се обратиле до Управата за финансиска полиција, оттаму добиле одговор дека по претставката на Илиевски, а во врска со злоупотреба на парични средства на јавни функционери, презеле дејствија од нивна страна, а доказите ќе ги достават до јавен обвинител.
Основното јавно обвинителство, пак, случајот му го префрли на Тетовското јавно обвинителство бидејќи пријавените дејствија се извршени на подрачјето на град Тетово, каде што и се наоѓа Тетовскиот универзитет.
Народниот правобранител добил известување и од Основното јавно обвинителство - Тетово во кое пишува: „Оформен е предмет против Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 365 од Кривичниот законик“.
Ова е членот 353 од Кривичниот законик:
Злоупотреба на службената положба и овластување
Член 353
(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба
или овластување, со пречекорување на границите на своето службено
овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе
прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета,
ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна
корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги
повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет
години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна
корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор
најмалку три години.
(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице,
одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши
дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен
интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или
должност.
(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни
набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија,
од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се
казни со затвор најмалку пет години.
Функционери може да држат настава, но не и да земаат хонорари
Илиевски, пак, завчера добил известување од Основното јавно обвинителство во кое пишува дека е оформен предмет за тројцата функционери, но и дека се чека претставник од Државниот универзитет во Тетово да биде сослушан како сведок во ОЈО-Тетово.
Инаку, според Законот за високото образование, лицето избрано во наставно-научно звање на кое му мирува работниот однос поради вршење функција може да изведува настава и да спроведува испити во деновите петок, сабота и недела, не може да биде ментор или член на комисија за оценка и одбрана на магистерска или докторска и не може да прима надоместок од високообразовната установа за извршена настава, научноистражувачка или применувачка дејност.
„Имајќи го предвид изнесеното, сметаме дека постојат индиции за повреда на правото бидејќи именуваните професори незаконски склучиле договори за интелектуални услуги за кои се верува дека добивале и парични средства, спротивно на член 133 став 14 од Законот за високото образование“, пишува во извештајот на народниот правобранител.
Тој, исто така, потенцира дека останува спорно прашањето дали јавните функционери незаконски се унапредени во наставно-научни звања од причина што постапката за избор била спроведена согласно Закон кој важел во моментот на распишување на конкурсот, односно пред донесување на новиот Закон и го упатува Државниот просветен инспекторат да побара автентично толкување на законите ако има нејаснотии.
Дали функционерите незаконски стекнале звања?
Дали е незаконско унапредувањето во наставно-научни звања на тројцата државни функционери: министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, прашавме повторно и во Државниот просветен инспекторат.
Првичните решенија на инспекторот Илиевски во кои утврди незаконско унапредување се укинати. Инспекторот, пак, што го правеше вонредниот инспекциски надзор, кој покажа дека сè е во ред со унапредувањата, е казнет бидејќи е утврден судир на интереси. Имено, неговата ќерка е вработена на Тетовскиот универзитет каде што го вршел надзорот. Факултети.мк испрати прашања до Државниот просветен инспекторат дали ќе има повторна проверка на звањата на функционерите со оглед на тоа што решенијата од првиот надзор се укинати, а при вонредниот има казна за инспекторот, но оттаму сè уште нема одговор.
Саљиу е казнет, но не му е одземена лиценцата, пишува во решението на Инспекцискиот совет.