X
 31.08.2018 Економија

За да направите најдобар план за штедење, мислете на сегашноста, а не на иднината

Само слушањето на зборот „буџет“ може да биде доволно за да се згрчите. Веројатно почнувате да мислите на нешто друго што би можеле да го правите освен да ги запишувате трошоците. Но, истражувачите мислат дека ја откриле тајната за безболен буџет кој би истрајал. Кој е трикот? Сегашноста.

Во истражување од 2014 година на учесниците им биле претставени два различни стила на штедење. На првата група ѝ било кажано да штеди со традиционален линеарен приод - односно буџетирање засновано на она што мислите дека ќе ви биде потребно во иднина. Во оваа филозофија фокусот на лицето е на идниот тек и на подобрувањето на сегашната состојба, посочуваат авторите. Со други зборови, работите кон „ново јас“.

На втората група ѝ било кажано да мисли циклично. Овој стил на штедење го поврзува она што сте сега и она што ќе бидете во иднина. Како? Иднината е хипотетичка, но сегашноста е изводлива. Ако направите нешто сега, како штедење пари, поверојатно е да го сторите истото идниот месец. Сегашните дејствија ги предвидуваат идните.

Фото: Curiosity

И кој победил? Втората група. Лицата што штеделе циклично заштедиле 78 отсто повеќе од групата ориентирана кон иднината. Истражувањето е јасно: Вашиот фокус треба да биде на процесот, а не на крајната цел. Мала промена на стратегијата може да значи многу за вашиот буџет.

Па, како можете да ја примените цикличната стратегија? Еве што советуваат истражувачите.

Штедењето нека ви биде рутина: само фокусирајте се на штедење на сумата што сакате да ја заштедите сега, не следниот месец, не следната година. Размислете дали заштедивте доволно пари од последната плата. Ако сте заштедиле колку што сте сакале, продолжете со доследноста. Ако не сте заштедиле доволно пари, надополнете од новата плата. Сакаме да се фокусирате на вашите лични заштеди во сегашноста. На крајот од денот ќе можете да погледнете наназад и да видите колкава заштеда имате.

Наместо за штедењето да мислите како на нешто што ви треба за да имате повеќе пари за одмор, мислете на него како на навика.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија