X
 13.03.2020 Образование

Професори, дијаспора и фирма помогнаа. Ова се средношколците што ќе ја претставуваат Македонија на олимпијадата „Менделеев“

Четворицата талентирани средношколци и нивниот ментор ќе заминат на најпрестижната хемиска олимпијада „Менделеев“, закажана кон крајот на април во Будимпешта, откако спонзори се јавија да им помогнат.

По пишувањата на Факултети.мк дека тимот нема начин како да замине на натпреварот, туристичката агенција „ЈК травел“ и "СН Финансиско друштво"  се јавија дека ќе ги обезбеди авиобилетите. Трошоците за сместување ќе ги намири Виолета Нестороска-Биберовиќ по потекло од Охрид, која живее во Германија, а академик Бојан Шоптрајанов со сопругата проф. Лидија Шоптрајанова веќе донирале буџет за набавката на хемикалии. Во меѓувреме се јавуваат и други граѓани што сакаат да им помогнат на учениците. Проблемот е што државата нема системско решение за финансирање на овие натпревари, а организаторот, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, е непрофитна организација и нема ресурси.

Од потпишувањето на договорот

Д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, и доц. д-р Миха Буклески, ментор на учениците-олимпијци, го потпишаа договорот за спонзорство со „ЈК травел“ и "СН Финансиско друштво".

Минатиот викенд на Институтот за хемија се одржаа селекционите натпревари за избор на четворицата средношколци што ќе ја претставуваат нашата држава на меѓународната олимпијада „Менделеев“. Тоа се Александар Трајковски од „Крсте Петков Мисирков“ - Демир Хисар, Михаил Трајков од приватното училиште „Јахја Кемал“ од скопската населба Карпош, Дарко Стојчев од „Добри Даскалов“ - Кавадарци и Леонид Сајков од битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“.

Учениците се подготвуваа на Институтот за хемија

- Нашите средношколци се натпреваруваа два дена на експериментални и на теорeтски проблеми. Успешно сработените експерименти ни влеваат надеж за добри резултати и на интернационалните натпревари - вели менторот Буклески.

Од 13 јануари до 29 февруари 6 професори од Институтот за хемија во текот на 112 наставни часа одржале подготовки со учениците (предавања, теориски, нумерички и лабораториски вежби). Во подготовките биле вклучени вкупно 13 ученици, избрани на претходниот циклус квалификациони натпревари.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование