X
 27.09.2023 Наша тема

Средношколци од Кочани освоија прва награда за дигитален билборд што го чисти воздухот и може да носи заработка од реклами

Учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани создадоа дигитален фотосинтетски билборд кој освен што го прочистува воздухот, нуди можност за прикажување дигитални визуелни реклами каде што ќе имаат можност да се рекламираат општествено одговорните компании

Теона Алексова, Елизабета Златкова, Натали Веселиновска, Борис Шалевски, Гаврил Гацов се учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани што ја освоија главната награда за идејно решение за справување со климатските промени и заштита на животната средина на буткампот на UPSHIFT програмата.

- Нашиот тим Viridi particula, под менторство на професор Ирена Димитрова-Јорданова, аплицираше на UPSHIFT циклус дигитализација и бевме избрани меѓу десетте финалисти на ниво на Македонија, а нашето идејно решение – дигитален фотосинтетски билборд подоцна ја освои првата награда – ни соопштија учениците.



Решението е иницирано од долгогодишниот проблем со воздухот

UPSHIFT e програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. Upshift програмата содржи 5 циклуси, поделени во 5 тематски области (вода, воздух, почва, дигитализација, оган).
Програмата Upshift ja реализира Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (LEAD) во рамките на проектот „Oхрабрување на децата и младите во Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“, спроведен од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија.

Учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ ја освоија наградата со еколошко решение за прочистување на воздухот. На прашањето од каде потекна идејата за ова решение, нивната менторка ни сподели.

- Денес речиси не може да се зборува за чист воздух. Но, не е прашање дали, туку колку е загаден воздухот што го дишат граѓаните на Кочани! Секојдневно се соочуваме со протести од граѓаните за загаден воздух, многу натписи, нацртани мурали. Но, климатските промени се предизвикани од човековото однесување, затоа е природно дека ние како луѓе треба да го решиме. Не е доцна, доколку се преземе акција веднаш! Понесени од ова, учениците на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани изнајдоа идејно решение за загаден воздух - ни сподели Ирена.



Буткампот на кој го презентираа решението се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга. И како што се присетуваат нашите соговорници, владеела позитивна и натпреварувачка атмосфера, голема соработка и меѓусебна комуникација помеѓу сите тимови од нашата држава.

-Секој тим беше под раководство на еден ментор од LEAD. Ментор на нашиот тим беше Камелија Јаневска. Имавме несебична поддршка за комплетно промовирање на нашата идеја - дигиталниот фотосинтетски билборд со изработен прототип и ја освоивме првата награда во износ од 120.000 денари. Учениците освоија и втора награда за најкреативна фотографија со менторот – додава нашата соговорничка Ирена.

При крај е целосното реализирање на проектот

Тимот се бори со загадувањето на воздухот со помош на дигитален фотосинтетски билборд. Искористувајќи ја биолошката фотосинтетска способност на алгите, како и моќта на сончевата енергија како обновлив извор на енергија, иновацијата придонесува кон прочистување на загадениот воздух. Билбордот нуди можност за прикажување дигитални визуелни реклами каде што ќе имаат можност да се рекламираат општествено одговорните компании. Решението позитивно влијае, како од еколошки така и од промовирачки аспект.

-Веќе сме при крај со целосното реализирање на проектот. Нашите стремежи се да продолжиме да истражуваме, да информираме и дејствуваме кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина. Нашата визија е праведно, одговорно и совесно општество каде што живеат здрави граѓани, во благосостојба и во хармонија со животната средина - посочува Ирена.



Целта на учениците е споделување информации и едуцирање на јавноста за програмата со скенирање QR-код за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.
-Билбордот нуди можност за прикажување дигитални визуелни реклами каде што ќе имаат можност да се рекламираат општествено одговорните компании. Исто така, предвидено е промовирање на нашето идејно решение за заштита на животната средина и негова вклученост во процесите на креирање политики. Како и истражување и анализи во областа на заштитата на животната средина и човековото здравје – ни истакна победничкиот тим.

Придобивките од учеството на проектот, освен освоената прва награда, се и стекнување со вештини и компетенции за социјални иновации, практична примена на вештините во реализација на социјална иницијатива, како и посилна врска и одговорност кон локалната средина, дополнува менторката Ирена.




Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема