Луѓето што работaт повеќе од 10 часа дневно подолго од една деценија се под најголем ризик од мозочен удар, тврдат истражувачите.
Истражувачите од Универзитетот во Анже, Франција, и францускиот Национален институт за здравствени и медицински истражувања ги разгледувале податоците за староста, пушењето и работното време од популациска студија на повеќе од 143.000 возрасни лица.
Учесниците во студиите биле на возраст од 18 до 69 години и за нив било утврдено дека работат подолго од 10 часа дневно.
Истражувачите велат дека кај луѓето што работеле повеќе од 10 часа дневно имало 29 отсто поголем ризик од мозочен удар, а кај оние што тоа го правеле 10 и повеќе години ризикот бил повисок за 45 отсто.
- Се чини дека поврзаноста меѓу 10 години долгото работно време и мозочниот удар е посилна кај луѓето помлади од 50 години. Ова беше неочекувано. За резултатот на овој наод е потребно дополнително истражување - истакнува Алексис Деската, коавторка на студијата.
Таа додава дека како медицинско лице ги советува своите пациенти да работат поефикасно и дека планира да го следи сопствениот совет.
Генералните директори и менаџерите се помалку погодени од долгите работни часови за разлика од оние што работат во смени или се под стрес поради
работата.
- Постојат многу едноставни работи што можете да ги направите за да го намалите ризикот од мозочен удар, дури и ако работите подолго од 10 часа дневно. Консумирањето здрава храна, наоѓањето време за вежбање, откажувањето на цигарите и добивањето на препорачаната количина сон можат да донесат многу корист за вашето здравје - истакнува Ричард Френсис, шеф на истражувањето во Здружението за мозочен удар.
Но, тоа не е сè што можете да направите. Почнете да забележувате колку часа работите, особено кога работата ја носите и дома. Научете да поставувате граница.