Рик Еделман, основач и извршен директор на компанијата „Еделман фајненшл сервисес“, една од водечките компании за финансиско советување, и автор на книгата „Вистината за вашата иднина: водич за пари што ви требаат сега, подоцна и многу подоцна“, смета дека наскоро ќе исчезне досегашниот концепт на пензионирање.
Еделман смета дека наскоро повеќе нема да го има класичниот редослед на случувањата: се раѓаме, одиме на училиште, работиме, одиме во пензија и умираме.
Ќе живееме 120 години
- Голема е веројатноста очекуваниот животен век драстично да се продолжи, што значи дека можеби ќе живееме 110 или 120 години. Нема да биде одржлива идејата за одење во пензија на 65 години. Имено, ако живееме 120 години, а одиме во пензија на 65 години, како ќе заработуваме, односно како ќе живееме цели 50 или 60 години без ништо да работиме? - прашува тој.
Фото: Shutterstock
Затоа Еделман смета дека на овој концепт му се гледа крајот.
- Тоа беше иновација на 20 век што ја немаше во 19 и што ќе ја нема во 21 век. Во иднина ќе работите до 75, 85, 95 или 105 години од вашиот живот. Но, не грижете се за тоа. Не е толку страшно колку што звучи. Вие ќе сакате да работите - тврди тој.
- Ќе сакате да работите од две причини. Прво, ќе бидете доволно здрави за да можете да го правите тоа. Ќе имате 100 години, но ќе бидете здрави како што некој е здрав на 40 или 50 години, што ќе значи дека ќе сакате да останете активни и во економијата и во заедницата. Второ, полесно од кога било ќе заработувате пари, благодарение на заедничката економија, краткотрајните договори, идејата за работа со скратено работно време, работа преку интернет и слично - наведува тој.
Еделман тврди дека нема да мораме да работиме 40 или 50 часа неделно.
- Ќе можете да го надополните вашиот приход со 20.000 до 40.000 долари годишно работејќи ги хонорарно оние активности што ќе сакате да ги работите - вели Еделман.
Почесто ќе имаме долги годишни одмори
- Моментално ги нарекуваме годишни одмори. Но, тогаш ќе ги имаме почесто. Ќе одиме на училиште, ќе најдеме работа, а потоа ќе направиме пауза неколку години. Подоцна повторно ќе одиме на училиште и ќе почнеме сосема различна кариера - наведува тој.
Ќе исчезне линеарниот концепт на вработување
- Наместо тоа, ќе се појави циклична линија на животот каде што ќе поминувате низ учење, вработување и
слободно време во текот на целиот ваш живот. Ќе биде забавно и ќе биде корисно за заедницата. Зошто некој би имал проблем со тоа? - завршува тој.