X
 04.04.2020 Живот

Зошто на помладите генерации денес им е потешко отколку порано?

Милениумците и генерацијата З сè почесто се во центарот на дискусиите за проблеми со кариерата, финансиите, неизвесната иднина и прегорувањето на работа. Нивните тешкотии често се објаснуваат со влијанието на постарите генерации и системот што им го отежнува успехот на младите. Но дел од предизвиците со кои се соочуваат сепак произлегуваат од современиот начин на живот и средината во која растат и работат.

Бескрајно споредување на социјалните мрежи


Социјалните мрежи создадоа простор во кој луѓето постојано го споредуваат својот реален живот со идеализираните прикази што ги гледаат на интернет. Поради тоа, на помладите генерации им е сè потешко да бидат задоволни од сопствениот напредок. Истражувањата покажуваат дека ваквите споредби често будат чувство дека не направиле доволно и дека треба повеќе да работат и да постигнат повеќе. Токму затоа дел од проблемите со кои денес се соочуваат младите произлегуваат од влијанието на социјалните мрежи и дигиталната средина.

Постојано чувство дека сè е прескапо

Одењето во продавница денес е сосема поинакво искуство отколку во времето кога беа млади бејби-бумерите. Милениумците генерацијата з мора да бидат подготвени да потрошат доста пари за основни намирници. Но не се поскапени само продавниците - поскапи се и кафето за носење и нарачувањето храна. Помладите генерации се соочуваат со фактот дека, без оглед на висината на платата, парите никогаш не траат доволно долго. Тоа ги принудува на откажувања и поставување приоритети, што е тешко кога и основните потреби стануваат луксуз.

На хартија, сопствен простор далеку од родителите звучи како остварување на сон и клучен чекор кон зрелоста. Сепак, плаќањето кирија и сметки денес е значително поскапо отколку порано. Таа новостекната слобода станува тежок товар кога треба сами да се грижите за себе, а трошоците за живот постојано растат. Самостојниот живот само дополнително покажува колку сè е скапо и носи чувство на одговорност што никогаш не исчезнува.

Замор од одлучување и притисок од секојдневните избори


Од избор на кариера до секојдневниот начин на живот, младите денес се соочуваат со преголем број можности. Наместо чувство на слобода, тоа често создава притисок и несигурност, бидејќи имаат впечаток дека за секоја одлука мора да го најдат најдоброто решение. Постојаното мерење на опциите со текот на времето води до ментален замор и чувство на исцрпеност.

Истовремено, малите успеси често остануваат во сенка на големите животни пресврти. Иако токму тие секојдневни напредоци ја одржуваат мотивацијата, многумина не ги доживуваат како доволно важни. Поради тоа лесно се создава впечаток дека трудот останува незабележан, што дополнително ја зголемува фрустрацијата и незадоволството.

Хоби како извор на заработка и нејасни граници меѓу работата и животот


На помладите генерации сè почесто им се наметнува притисок да ги претворат своите хобија во извор на заработка. Активностите што треба да служат за одмор и опуштање така стануваат уште една обврска, наместо простор за пауза. Кога и слободното време почнува да се гледа низ призма на продуктивност и заработка, на младите им останува сè помалку начини вистински да се опуштат.

Истовремено, границата помеѓу работата и приватниот живот станува сè понејасна. Поради работа од далечина, пораки, мејлови и постојана достапност, на многумина им е тешко ментално да се одвојат од работата и по завршувањето на работното време. Така постепено се создава чувство дека работата никогаш не завршува, што дополнително го зголемува заморот, стресот и ризикот од прегорување.

Љубовниот живот, стравот од грешка и неможноста за вистински одмор

Светот на запознавање за милениумците и генерацијата З денес изгледа сосема поинаку отколку порано. Голем дел од комуникацијата се пресели на апликации, па потрагата по партнер често започнува и завршува на екран. Наместо спонтаност и опуштеност, ваквиот начин на запознавање кај многумина создава замор, фрустрација и чувство на разочараност.

Освен тоа, кај младите сè повеќе е присутен страв од погрешна животна одлука. Без разлика дали станува збор за работа, место на живеење или приватен живот, притисокот да се избере „вистинскиот пат“ често е голем. Дополнително, социјалните мрежи наметнуваат високи и често нереални очекувања за успех и уреден живот.

Покрај тоа, постојаната достапност на содржини преку паметни телефони, стриминг-платформи и социјални мрежи сè повеќе го отежнува вистинскиот одмор. Многумина се навикнати на непрекината стимулација, па дури и кратките моменти на тишина или досада им стануваат непријатни. Поради тоа, и одморот сè почесто се претвора во немир, наместо во можност за вистинско опуштање.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот