X
 31.10.2020 Живот

Дали читањето 100 книги годишно ќе ве направи попаметни?

Џејк Даг ја започнал 2019 година со цел - да прочита пет книги во јануари. Тој успеал да прочита седум книги до почетокот на февруари, па решил да продолжи да чита, поставувајќи си цел да прочита 60 книги до крајот на годината.

Но на почетокот од декември тој ја прочитал својата 100. книга и луѓето веќе го прашувале за книгите што ги читал. Најчестите прашања што ги добивал биле дали читањето навистина помага или со други зборови, дали читањето го прави попаметен. Според неговото искуство, одговорот на ова прашање е „можеби“, а еве што мисли со тоа.

Зошто воопшто би читале?

Во страниците има многу светови, триумфи, заговори, примери на храброст и моменти што поттикнуваат восхит. Од страниците може да откриете како функционира љубовта, што значи лојалност, зошто авантурата е привлечна и како тензичноста и напнатоста може да ве допрат до коските, а притоа може да стекнете разбирање, мудрост, сочувство и емпатија.

Може да посетите места на кои не сте биле, да патувате низ времето и да учите од туѓите грешки. Има убавина во начинот на кој се спојуваат зборовите, во начинот на кој таткото го опишува држењето на своето дете или млад тинејџер ја опишува првата љубов.


Фото: Pixabay

Зошто читаме?

Од истите причини зошто пееме, танцуваме и слушаме кога некој раскажува интересна приказна. Читаме затоа што преку губењето во туѓиот свет го откриваме сопствениот, вели Џејк.

Како да читате повеќе?

Според Џејк, потребен е напор да се стане страстен читател. Тој препорачува зголемување на читањето, но неколку книги повеќе од минатата година не се доволни. Потребно е двојно или тројно зголемување на прочитаните книги.

За полесно зголемување на целта, Џејк препорачува да гледате на читањето како на хоби. Освен тоа, неговиот омилен совет за читателите е да започнат нова книга веднаш штом ќе ја завршат последната бидејќи најтешкиот дел од читањето е почетокот, особено доколку имате неколку книги што „чекаат“ да бидат прочитани.

Конечно, Џејк заклучува дека читањето нема да ве направи попаметни доколку не го запомните тоа што сте го прочитале и не научите нешто од прочитаното. Кога зборува за помнењето, Џејк не мисли на помнење на секоја информација во книгата, туку задржување на главната идеја или порака на книгата и нејзино применување во сопствениот живот.

Автор: Џејк Даг
Извор: theladders.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот