X
 11.12.2019 Живот

И душманот има право да се искаже

Па така, човекот си се навикнува и на ниската плата, и на лошите социјални услови, и на туѓите неарни зборови кон него кажани, ете, тукутака без некоја голема причина, а ни повод.

Беше тоа само уште еден сосема обичен ден во мојот необичен град покриен со магла и смог натискан со многу ПМ- честички од непозната природа. Оддалеку сета таа сива белина изгледа застрашувачки. Но, штом минуваш низ неа некако станува виолетово-зеленикава, небаре ќе речеш има и нешто убаво во неа. Одејќи така низ маглата која ме навраќаше многу одамна, уште тогаш кога немавме апарати за мерење на загаденоста, па моравме да им веруваме на нашите институции кон кои колку-толку имавме почит, во миг си помислив, мајката, како тоа човек едноставно на сѐ може да се навикне. Еве, јас одамна сум навикнат на оваа чадовина како да сум се родил со неа и во неа. Со секој чекор понатамошен си припомнував многу алузии на веќе помислената работа која како дождовен црв, полека и ненаметливо ми се пикна во кората на големиот мозок, исто како што и маглата и смогот веќе одамна се имаа удомено во моите бели дробови. Да, се навикнува човек на сенешто, вакво или онакво, само ако тоа нешто доволно долго ги напаѓа неговите сетила.

Па така, човекот си се навикнува и на ниската плата, и на лошите социјални услови, и на туѓите неарни зборови кон него кажани, ете, тукутака без некоја голема причина, а ни повод. Се навикнува, о да, се навикнува секој од нас и на промената на политиките и на политичарите какви и да се, и на поскапиот зеленчук, како и на валканите улици, кои, ете, некако и симпатични му станале со навиката. Одев и метафорички со доза на метафизичко созерцание асоцирав низи и низи когнитивни блокови мисли и уверувања, сеќавања и ставови, вредности и интереси, ама сѐ имав некакво мемливо чувство дека на врв на јазикот ми е нешто што не можам да си го припомнам, а на кое човекот тукутака и на него се навикнува. Знаев дека беше нешто човечко, оти сиот свој живот само со тоа животинче се занимавам, до степен што се навикнав на сите негови недоследности во доследното навикнување на сенешто.

Одејќи така, забележав силуета слична на човеков корпус, на тело извиено во висината небаре авет кој од магливата ноќ доаѓа со важен аманет од предците кои пусулче со порака ми беа пратиле само за да ме потсетат на нешто што не го бев насетил во моите сега веќе илузии на меморијата, сосема човечки фалична и недоквакано субјективна. Како што се доближуваше кон мене, узнав дека е машко тело, испиено и искусно. Од тешките и одмерени чекори можев да заклучам дека беше старо, напатено и предизвикувачко. Со секој негов следен чекор аветот стануваше сè поголем маж со долги ковчести раце и нозе, испиено лице и поглед кој не можев да разберам каков е. Ту страшен и искривоколчен ту некако тажен и свиснат. Ми стана интересна таа игра на сенките, мојата и неговата, во мигот на копнежот и стравот да се сретнеме. Си реков, нема сега враќање, јас или тој, тој или јас, или двајцата сургун ќе одиме, ама погледите мора да ни се сретнат. Бевме сами на самрачниот смог во градот чија душа повеќе изумрела од телото негово отруено од оџаците без филтри. Градот кој ме залепи за себе како леплива материја со која се раѓаш и од која си проколнат да изумираш или живееш заедно со него. На два метра еден од друг немаше каде – како каубојци на ОК корал со спремни душевни и перцептивни феномени се разминавме глумејќи мажи со достоинство, кои и онака веќе ги нема во културата која секојдневно ја убива здравата машкост која го соѕида овој свет каков и да е. Ги сетив своите, а богами и неговите коски како се тресат од помислата на среќавањето на парот очи од кои не знаеш што ќе прочиташ, за себе и за него. Ме погледна со поглед на длабоко разочаран човек кој некогаш палел и гасел со своето зло, сила и моќ. Веднаш знаев дека не е овде за да ме преплаши и да ме натера уште повеќе да ја нурнам главата во тињата на површното секојдневие исполнето со силиконски усни, разни шоуа кои сите глумат дека не ги гледаат и еден тон извитоперени полудуши празни како бунарите во Мариово.
Знаев дека сака нешто да ми каже, да се пожали. Но, на мое изненадување, ме одмина, замина и се чинеше дека нема да се врати. Стравот во мене се престори во едно копнежливо љубопитство од ендемски вид. Сакав да го застанам. Но, си реков, немаш право никому да наложуваш средба, знаеш колку боли кога го бараш контактот кој не ти е наменет.
За чудо, се свртив и видов како стои на три метри од мене со испружени раце. Тој ѕвер од предмалку личеше на старец кој бара трошка леб, вода и милост од мене. Дојдов до него и го прашав: Кој си ти?! Јас сум душманот, рече, твојот душман, ете тој сум...Крвта ми смрзна и се престори во милиони убиствени тромбови во мојата душа. Сѐ на мене затрепери небаре ќе го чујам судниот час... Како мислиш, реков, како мојот душман?! Така едноставно, рече, твојот душман, оној дел од тебе злобен, пакосен, ама невин истовремено, невин бидејќи никој не сакаше да го сослуша, да го чуе... да му дозволи да ја искаже својата последна одбрана како Сократ на плоштадот на античкиот срам... еве вака изгледам, види ме, види ме... ова си ти во оној дел кој толку долго крикаше да биде само чуен. Прво липав, молев и плачев да ме чујат тие што ги љубиш, тие што очекуваше дека ќе ја разберат причината за моето постоење и ќе узнаат дека не ќе бев ваков авет колку и да сум грешен, само ако ти дозволеа да ми ја оправдаш егзистенцијата... Ме создадоа тие што сакаа да ја апсолутизираат твојата трошка вина релативизирајќи ја сета љубов што со малку Јас ја извалка. Се сеќаваш, се сеќаваш кога те болеше фактот дека ако некој саде добрини чини и едно зло, дека тоа зло за лошо ќе му го земат?! Се сеќаваш, нели?! Припомнуваш кога бараше во мракобесието светла душа која ќе умее да ме чуе? Кога сноваше и евтино си го продаваше сиот свој потенцијал за малку внимание за мене? Како да сакаше да им кажеш оти има причина зошто и јас постојам?! И како да чекаше само еден од нив да ме сослуша, па после макар и да би умрел вчаскум... И тамам помисли дека таков човек има, да ти немало... со тоа се доубив самиот, јас, самиот душман твој! Ете тој сум, ете тоа сум јас. Ех, ти што единствен беше што туѓи душмани сослушуваше и разбираше, ти да дојдеш до тоа дереџе, јас, твојот душман, ваков стар и тажен да шетам.

Но, сепак ти благодарам што разбра нешто што по децении светот ќе го разбере, оти – и душманот да биде чуен право има!!! И оти луѓето и на тоа се беа навикнале – да не го слушаат другиот во делот од него што не се совпаѓа со лицемерното им вистинољубие!
Ете, за тоа ти благодарам во сета лутина кон светот што и тебе и мене нѐ умреа не давајќи ни право да се искажеме. Го изусти и овој заден збор душманот мој и отиде, отиде потоа веднаш во маглив и смоглив скопски дим... мојот, мојот душман... ех, доживеав душман да жалам и емпатија од него да учам... И отиде, отиде тој, а јас, драги мои читатели, во сета шизофрена втренченост разбрав дека тоа беше раѓање на две вистини: едната е дека дури и душманот ќе беше помал и поубав ако и нему му дозволевме да се искаже и се обидевме сосема човечки да го разбереме, а втората е дека оттогаш наваму се посади семето на една нова психологија која ќе се роди многу подоцна од ова недоквакано и површно време – барајте го вредното и онаму каде што грубо и грдо е облечено и не ви е дарено во обликот кој ете, вие си го замисливте за негов!

П.С. Почитувај ги туѓите душмани за да може твојот душман да постане човек! Јас мојот до крајот на животот ќе морам сам да го ислушувам!

Пишува: Проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот