Во борбата против климатските промени секоја нова алатка е добредојдена. Најновата технологија не ги спречува емисиите на јаглерод, туку ги повлекува директно од воздухот.
Компанијата „Хеирлум карбон технолоџис“ штотуку ја отвори првата комерцијална фабрика во САД која користи директно „фаќање“ на воздухот, кој ги апсорбира стакленичките гасови од атмосферата.
За да го фати јаглеродниот диоксид, компанијата користи варовник, една од најзастапените карпи на планетата. Бидејќи варовникот се формира кога калциум оксидот се врзува со јаглерод диоксид, „Хеирлум“ најде начин да го користи како сунѓер. Фабриката го загрева варовникот, извлекувајќи го јаглеродниот диоксид од него. По овој процес, она што останува е фин бел прав, односно калциум оксид. Тимот потоа го става прашокот во метални послужавници и го изложува на отворено, додава вода и чека три дена да се претвори во варовник, со што циклусот се рестартира. Целиот процес се напојува со обновлива енергија.
Што се однесува до јаглеродниот диоксид што е извлечен од воздухот, „Хеирлум“ трајно го запечатува гасот со мешање во бетонот. Исто така, компанијата планира да го закопа јаглеродниот диоксид во подземни бунари за складирање.
Фабриката, која се наоѓа во Централната долина во Калифорнија, е релативно мала. Во моментов има капацитет да апсорбира најмногу 1.000 тони јаглерод диоксид годишно, што е приближно еднакво на издувните гасови од околу 200 автомобили.
Исто така, тимот сè уште бара начини што би можеле да го забрзаат процесот и да ги намалат трошоците. Компанијата очекува да расте експоненцијално со повторување на нивниот едноставен модел.
- Сакаме да достигнеме милиони тони годишно - вели Шашанк Самала, извршен директор на компанијата.
- Науката е јасна: намалувањето на емисиите на јаглерод само преку обновливи извори на енергија нема да ја спречи штетата од климатските промени. Технологијата за директно „фаќање“ на воздухот е алатка што ја менува играта и ни дава можност да го отстраниме загадувањето со јаглерод што се создава во атмосферата уште од Индустриската револуција - вели Џенифер Гранхолм, секретар за енергија.
За среќа, „Хеирлум“ и компаниите со слични пристапи добиваат поддршка од мултимилионски компании како „Мајкрософт“, кој вети дека ќе отстрани 315.000 тони јаглерод диоксид од атмосферата. На крајот на краиштата, големите компании гледаат поопиплив начин за борба против климатските промени во директното фаќање на воздухот отколку во редовните поместувања на јаглеродот, кои понекогаш е тешко да се следат. Од друга страна, тоа е скапа технологија, а некои стравуваат дека може да ја користат компаниите за гас и нафта за да ја продолжат употребата на фосилни горива. „Хеирлум“ вети дека нема да прифати поддршка од овие индустрии.
Додека „Хеирлум“ и неговата технологија гледаат резултати, има уште долг пат да се помине. И покрај тоа, нивниот напор и поддршката што ја добиваат се чекори во вистинската насока.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Twitter